Благодарам на партијата СДСМ за укажаната доверба да раководам со оваа институција – напиша на Фејсбук поранешната градоначалничка на Арачиново и доскорешна инспекторка во Царинската управа
Поранешната градоначалничка на Општина Арачиново, Миликије Халими, е назначена за генерална директорка на АД „Аеродроми на Северна Македонија“ во државна сопственост. На функцијата доаѓа со одлука на Надзорниот одбор на претпријатието кое управува со двата аеродроми – скопскиот и охридскиот, во делот кој не е под концесија на ТАВ, како и со спортските аеродроми. Халими е назначена по препорака на Владата која го задолжи Надзорниот одбор да го разреши досегашниот директор Трајче Ангеловски.
Халими за новата функција се заблагодари на матичната партија СДСМ и најави дека ќе се заложи за зголемување на квалитетот на услугите за корисниците.
„Благодарам на партијата СДСМ за укажаната доверба да раководам со оваа институција. Ќе работиме и ќе се фокусираме на интегрирање и склопување на системите на оваа институција со фокус на зголемување на квалитетот на услугите за сите корисници, како и зголемување на ефикасноста и ефективноста на работењето на институцијата генерално“,
напиша Халими на Фејсбук.
Халими, која на изборите во 2017 година стана првата жена градоначалник на Арачиново, по завршувањето на мандатот се вработи во Царинската управа. Таа го привлече вниманието на медиумите бидејќи за позицијата инспекторка во Царината конкурираше со завршено средно медицинско образование.
Халими на локалните избори во 2021 година се обиде да освои уште еден градоначалнички мандат како кандидатка на СДСМ, но беше поразена.