Лидерот на ЛДП, Горан Милески, кој е дел од владината коалиција и парламентарното мнозинство, отфрла коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за формирање на ново парламентарно мнозинство во актуелниот собраниски состав.
Неговата партија пред три дена соопшти дека двајцата нивни пратеници во Собранието ќе делуваат самостојно, но дека останува дел од мнозинството, а Милевски вечерва изјави дека не гледа причина за напуштање на коалицијата. Со ВМРО-ДПМНЕ, пак, како што вели, досега не разговарал за коалицирање.
„Ние сме влегле во оваа влада со јасна програма. За да се напушти коалицијата треба да се случи нешто кое ќе биде нешто спротивно од нашите програми или сфаќања. Ако тоа не се надмине, тогаш ние би можеле да размислуваме. Јас не гледам што се случува да дојде до напуштање на Владата. Ние со ВМРО-ДПМНЕ дебатираме преку парламентот за работи што се поврзани со нашето министерството. Јас сум задоволен што имаме комуникација, и нашите закони поминуваат во Собрание без опструкција или без гласање против. Конкретно на темата, ниту некој разговарал со нас на таа тема ниту дал понуда, ниту ние сме прифатиле или одбиле. Со кого разговараат тие си знаат. Не велам дека нема да разговараат, сигурно не блефираат, со некого разговараа, а со кого не знам. Ние во секој случај такви разговори немаме“,
рече Милевски во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Тој понатаму отфрла и можна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ во актуелниот собраниски состав.
„Како партија можеме, ако се скараме со СДСМ, да одиме на избори, не во ново парламентарно мнозинство, граѓаните нас ни ја дале довербата како коалиција. Сето друго е изигрување на довербата на граѓаните“
вели Милевски.