Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, пак, одлуката на израелските власти ја опиша како политичка и како уште еден напад врз персоналот на ОН
Соединетите Американски Држави сметаат дека не е продуктивна одлуката на израелските власти да му забранат влез во Израел на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, и да го прогласат за персона нон грата, пренесува „Њујорк тајмс“. Овој став на прес-конференција го пренесе портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, посочувајќи дека ваквите чекори не се продуктивни за подобрување на позицијата на Израел во светот.
„ОН вршат исклучително важна работа во Појасот Газа, но и во целиот регион. А, кога ОН тоа го прават на најдобар начин, може да биде важно за безбедноста и стабилноста“,
рече тој.
Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, пак, одлуката на израелските власти ја опиша како политичка и како уште еден напад врз персоналот на ОН.
Посочи дека ОН не признаваат концептот на „персона нон грата“ да се применува на нивниот персонал.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац изјави дека на генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, му е забранет пристапот во земјата поради, како што тој смета, неговата антиизраелска пристрасност.
Кац рече дека го прогласил Гутереш за персона нон грата во Израел.
Гутереш потоа го осуди „проширувањето на конфликтот на Блискиот Исток, со ескалација по ескалација“ и повика на прекин на огнот во изјавата во која конкретно не се спомнува Иран.
I condemn the broadening of the Middle East conflict with escalation after escalation.
— António Guterres (@antonioguterres) October 1, 2024
This must stop.
We absolutely need a ceasefire.