Обвинетите се гонеа за злоупотреба на службената положба и овластувања. Вкупниот договор за купување на двокатните автобуси од кинески „Јутонг“, кој е предмет на обвинението, изнесувал околу 35 милиони евра
Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и две други обвинети на денешното судско рочиште признаа вина во случајот „Дизајн“ за набавката на кинеските двокатни автобуси за ЈСП и веднаш добија пресуда. Двете обвинети, кои заедно со ексминистерот признаа вина, се гонеа како членови на Комисијата за јавна набавка која ја спровела набавката.
По признавањето, судечкиот совет на чело со судијата Осман Шабани, изрече и пресуда. Како што потврдуваат од Основниот кривичен суд во Скопје, Јанакиески и двете обвинети добиле условни казни од по две години затвор кои нема да се извршат доколку во наредните пет години не сторат ново кривично дело.
„Обвинетите М.Ј., С.Ф.П. и Ј.Ј.А., обвинети за кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.5 в.в ст.1 од стариот Кривичен законик, беа огласени за виновни и осудени на условна осуда од 2 години затвор која нема да се реализира доколку обвинетите во следните 5 години не сторат ново кривично дело. Против пресудата странките имаат право на жалба до Апелациониот суд – Скопје“,
велат од Кривичен.
Во случајот како уште еден член на тогашната Комисија обвинет е и актуелниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, кој на денешното судско рочиште рекол дека не го разбира обвинението и се изјаснил за невин, па за него судењето ќе продолжи со ново судско рочиште закажано за 28 март.
Случајот „Дизајн“ го отвори СЈО, а по згаснувањето премина во рацете на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кое поднесе обвинение во јули минатата година.
Второ признавање вина на Јанакиески
Ова е второ признавање вина од страна на ексминистерот Јанакиески. Тој пред еден месец призна вина и во случајот „Титаник“, кој се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и 2014 и локалните во 2013 година. Таму Јанакиески доби затворска казна од 4 години и 6 месеци, која сè уште не е правосилна бидејќи неговата одбрана најверојатно ќе поднесе и жалба за казната до Апелацискиот суд кој ќе треба да донесе одлука.
Покрај Јанакиески, вина во „Титаник“ признаа и ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, бившата заменик-министерка за правда, Билјана Бришковска-Бошковски, Мартин Протуѓер и уште четири лица. Јанкулоска доби неправосилна пресуда од 2 години и 6 месеци затвор, Бришковска-Бошковски и Протуѓер, пак, беа осудени со условна казна. Од останатите четворица, двајца добија затворски од 1 односно 3 години, а другите двајца условни.
Јанакиески неправосилно е осуден и на 6 години и 3 месеци затвор во предметот познат во јавноста како „Организаторите на 27 април“, а има и условна казна во случајот „Насилство во Центар“.
Како Скопје купи двокатни автобуси и за што беа обвинети Јанакиески и Јанушев
Дека на Скопје му требаат нови автобуси беше апсолвирано прашање далеку пред 2010 година. Прв посериозен чекор, во 2006 година, презеде тогашниот градоначалник на Скопје, Трифун Костовски, кој сакаше да купи 100 обични автобуси со кредит од ЕБРД. Иако власта на СДСМ, со која не беше во добри односи, беше замината, сепак не доби поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ.
Следната година ЈСП, сепак, ќе објави тендер за 50 автобуси. Мал дел од тие возила треба да бидат двокатни, со што за прв пат се јавува идејата за автобуси на кат. По убедување од владата, директорот на ЈСП го поништува тендерот, по што градоначалникот Трифун Костовски го разрешува директорот и става нов.
Следниот и сите подоцнежни тендери за автобуси ги распишува Владата на ВМРО-ДПМНЕ а не Град Скопје или ЈСП. Владата бара само двокатни автобуси. Прво 50, па потоа 102, кога за прв пат се вметнува условот автобусите да имаат ретро изглед. Во многубројните пиши-бриши тендери, во еден момент ќе се бараат и 302 двокатни автобуси.
Предмет на интерес на обвинителството во овој случај беа пропаднатите и едниот успешен тендер во периодот 2008-2010 година. Еден од интересните детали во овој период е што домашната компанија „Санос“ даде понуда со свој ретро дизајн.
Тој тендер пропадна, а кога се распиша следниот, дизајнот на „Санос“ беше речиси ископиран од компанијата која на крај и ја доби набавката – „Јутонг“.
Во соопштението на обвинителството кога беше поднесено обвинението, сепак, не се споменуваа дизајнот туку парите. Имено, архивите покажуваат дека на првите тендери за нови автобуси се јавуваа и познати компании од Западна Европа, но по многубројните поништувања, во игра останаа само две кинески компании. Едната кинеска компанија, „Кинг-Лонг“, настапуваше преку претставништво од Бугарија. Другата која и го доби тендерот, „Јутонг“, настапуваше директно.
Според ОЈО за гонење на организиран криминал, Министерството за транспорт предводено од Миле Јанакиески ја избрало поскапата понуда на „Јутонг“, иако знаеле дека компанијата нема комплетна документација.
„Имено, по три неуспешни постапки за набавка на двокатни автобуси што биле спроведени во текот на 2008 и 2009 година, во месец февруари 2010 година била спроведена нова постапка за јавна набавка. При отворање и разгледување на понудите доставени по јавниот оглас за набавка на 200 автобуси од затворен тип и два автобуси од отворен тип, обвинетите С.Ф.П. (47) како претседател и И.Ј.(36) и Ј.Ј.А.(62) како членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка на двокатни автобуси за ЈСП на Град Скопје, во договор со првообвинетиот М.Ј.(43), постапиле спротивно на Законот за јавни набавки и фаворизирале економски оператор кој до денот на отворањето на понудите немал доставено банкарска гаранција на понудата и сертификат за квалитет ИСО 9001:2000, како што било пропишано во тендерската документација. Комисијата наместо да ја отфрли понудата како некомплетна, ја продолжила постапката и извршила евалуација на двете доставени понуди. И покрај тоа што понудата на економскиот оператор од Р.Бугарија била за 4 772 920 евра пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на првообвинетиот да склучи договор со него“,
наведоа од обвинителството при поднесување на обвинението.
Вкупниот договор за купување на двокатните автобуси од кинески „Јутонг“ чинел околу 35 милиони евра.