Од здружението порачаа дека за осиромашената и уништена новинарска сцена виновни се бројни влади – од сегашната до поранешната, вклучително и владата на Зоран Милановиќ, во чие време, според ХНД, бил донесен актуелниот Закон за ХРТ
Хрватското здружение на новинари (ХНД) го повика хрватскиот претседател Зоран Милановиќ да престане да ја навредува новинарската професија, оценувајќи дека изјавите на претседателот за новинарите и медиумите се несоодветни и се за осуда.
Реагирајќи на изјавата на Милановиќ дека не ги следи медиумите, ХНД посочува дека оценките на шефот на државата за медиумите се навредливи за сите претставници на медиумите.
„Јас не ги следам, тие ме следат. Ме следат како чешање, како инфекција на кожата. Некои работи едноставно не можам, а да не ги видам. Тоа е ужасно лошо. Тоа е целосно запоставена професија“,
ја цитира агенцијата Хина, изјавата на Милановиќ која ја поттикна реакцијата на ХНД.
„Нарекувањето одредени редакции со погрдни имиња и етикетирање не доликува на функцијата на претседателот на Републиката во едно демократско општество. ХНД смета дека ваквите оценки на претседателот на Републиката се навредливи за сите новинари и неприфатливо генерализирање на професија од јавен интерес“,
се вели во соопштението на ХНД.
Хрватското еснафско здружение на новинари смета дека за осиромашената и уништена новинарска сцена виновни се бројни влади – од сегашната до поранешната, вклучително и владата на Зоран Милановиќ, во чие време, според ХНД, бил донесен актуелниот Закон за ХРТ, оставајќи катастрофални последици.
Во соопштението ХНД посочува дека во последните 30 години новинарите одиграле важна улога во откривањето на бројни неправилности во општеството и дека „за ХНД е неприфатлив секој напад врз нив и омаловажување, особено институционално“.
Хрватското здружение на новинари посочува дека може да го постави и прашањето, дали е запоставена политичката сцена во Хрватска со оглед на тоа како се однесува водечкиот политички двоец во овие кризни моменти.
„Исто така, ако (Милановиќ) медиумите го следат како ‘чешање и како инфекција на кожата’, не е ли време медиумите да престанат да ја следат Канцеларијата на претседателот на Република Хрватска“,
се вели во соопштението на ХНД.
Здружението на новинари на Хрватска ја повтори пораката до сите кои се на јавни функции:
„Само одговорете на прашањата поставени од новинарите кои работа во интерес на сите граѓани. Новинарите само тоа го бараат од вас“,
пренесе агенцијата Хина.