Од Министерството посочуваат дека системот не бил навремено одржуван поради нестручност на фирмата која ја имала оваа надлежност и поради недостиг на ИТ-кадар
Техничкиот проблем е отстранет, a податоците на порталот „Отворени финансии“ се ажурирани, информираат денеска од Министерството за финансии (МФ). Оттаму посочуваат дека системот не бил навремено одржуван поради нестручност на фирмата која ја имала оваа надлежност и поради недостиг на ИТ-кадар.
Проблемот со „Отворени финансии“, како што велат од МФ, почнал да се јавува уште во февруари годинава.
„Вработените од ИТ-секторот во координација со новиот советник за ИТ-технологии успешно го вратија во функција порталот ‘Отворени финансии’ и ќе продолжат да работат на негово подобрување“,
велат од Министерството за финансии.
Оттаму додаваат оти податоците ќе продолжат да се ажурираат согласно утврдената динамика, а корисниците ќе може да пребаруваат информации за реализација на Буџетот одделно по институции и извршени трансакции.
Платформата на граѓански организации за борба против корупција неодамна побара итно враќање во функција на „Отворени финансии“ и го осуди оневозможениот пристап на јавноста до информациите од Трезорот, откако податоците на порталот последно беа ажурирани на 17 јуни годинава.
По реакцијата на невладината, од МФ соопштија дека се работи на отстранување на техничкиот проблем што оневозможува пристап до податоците и најавија нивно ажурирање во најкус можен рок.