Порталот „Отворени финансии“, на кој се објавуваат податоците за реализација на трансакциите на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, последен пат е ажуриран на 17 јуни годинава. Изминатите денови укината е и можноста тендерите систематизирано да се следат на агрегатот „Тајм.мк“, а од Бирото за јавни набавки оценија дека тоа ја оптоварувало веб-страницата
Податоците на порталот „Отворени финансии“ ќе бидат ажурирани во најкус можен рок, информираат од Министерството за финансии (МФ) појаснувајќи дека надлежниот сектор од министерството заедно со економскиот оператор ангажиран за одржување на порталот работат на отстранување на техничкиот проблем што оневозможува пристап до податоците кои се генерираат на порталот.
„Податоците коишто се објавуваат преку порталот ‘Отворени финансии’ како алатка за транспарентност и понатаму ќе бидат достапни за јавноста. Јавноста ќе може да пребарува информации за реализација на буџетот, одделно по институции и извршени трансакции“,
соопштија од МФ.
Порталот, се додава во соопштението, е промовиран со цел зголемување на транспарентноста на трошењето на буџетските средства и податоците се ажурираат редовно согласно утврдената динамика на објавување на одделните категории податоци.
Порталот „Отворени финансии“, на кој се објавуваат податоците за реализација на трансакциите на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, последен пат е ажуриран на 17 јуни годинава. Изминатите денови е укината и можноста тендерите систематизирано да се следат на агрегатот „Тајм.мк“, а од Бирото за јавни набавки оценија дека тоа ја оптоварувало веб-страницата.
Платформата на граѓански организации за борба против корупција денеска побара итно враќање во функција на порталот и истовремено го осуди оневозможениот пристап на јавноста до информациите од Трезорот.
Од Платформата побараа Министерството за финансии да овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот „Отворени финансии“ и нивна достапност во отворен формат, како што и беше досегашната практика.
Порталот „Отворени финансии“ има за цел да ѝ овозможи на јавноста увид во податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, со кои располага Трезорот на Министерството за финансии. На порталот се објавуваат сите трансакции на буџетските институции на Буџет на Република Северна Македонија и трансакциите на единиците на локална самоуправа (ЕЛС) и нивните буџетски институции.
Јавноста има информации за назив на буџетски корисник од кој е извршено плаќањето, видот на трошокот согласно економската класификација, примач на средствата, на кој ден е реализирано плаќањето. Податоците се ажурираат двапати месечно, а корисниците можат да ги преземаат во отворен формат.