Од Платформата на граѓански организации за борба против корупција бараат од Министерството за финансии да овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот „Отворени финансии“ и нивна достапност во отворен формат, како што и беше досегашната практика
Платформата на граѓански организации за борба против корупција бараат итно враќање во функција на порталот „Отворени финансии“ кој последен пат е ажуриран пред повеќе од два месеца.
Од Платформата го осудуваат оневозможениот пристап на јавноста до информациите од Трезорот.
Оттаму бараат Министерството за финансии да овозможи непречен пристап, континуирано и навремено ажурирање на податоците на порталот „Отворени финансии“ и нивна достапност во отворен формат, како што и беше досегашната практика.
Порталот „Отворени финансии“, на кој се објавуваат податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, последен пат е ажуриран на 17 јуни годинава. Изминатите денови укината е и можноста тендерите систематизирано да се следат на агрегатот Тајм.мк, а од Бирото за јавни набавки оценуваат дека тоа ја оптоварувало веб-страницата.
Од Платформата на граѓански организации за борба против корупција велат дека согласно преземените обврски во рамки на партнерството за отворена власт и досегашната пракса, податоците на порталот се ажурираат двапати во текот на месецот, што значи дека повеќе од два месеци порталот не ја извршува својата функција.
Воведувањето на порталот „Отворени финансии“ е една од најзначајните реформи со кои се унапредува проактивната транспарентност на државните институции, потсетуваат од Платформата на граѓански организации. Како дел од партнерството за отворена власт, додаваат оттаму, оваа активност беше оценета како заложба со амбициозен дизајн и успешна имплементација која воведе исклучителни промени во институционалните практики.
Од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата во соопштението ја потсетуваат Владата дека во предизборието беше ветено дека ќе се зголеми бројот на отворени податоци и нивно ажурирање. Со сегашната состојба на „Отворени финансии“, од Платформата стравуваат дека процесот се движи во спротивна насока.
Порталот „Отворени финансии“ има за цел да и овозможи на јавноста увид во податоците за реализација на трансакции на сите буџетски корисници на Буџетот на Република Северна Македонија, со кои што располага Трезорот на Министерството за финансии. На порталот се објавуваат сите трансакции на буџетските институции на Буџет на Република Северна Македонија и трансакциите на единиците на локална самоуправа (ЕЛС) и нивните буџетски институции.
Јавноста има информации за назив на буџетски корисник од кој е извршено плаќањето, видот на трошокот согласно економската класификација, примач на средствата, на кој ден е реализирано плаќањето. Податоците се ажурираат двапати месечно, а корисниците можат да ги преземаат во отворен формат.