Градоначалникот, кој во повеќе наврати негираше дека во Струга има дивоградби, испратил допис до ДЗР дека за Општината се прифатливи забелешките од Извештајот за усогласеност во спроведувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти
Општина Струга да почне да се справува со дивоградбите, да го ажурира регистарот на бесправно изградените објекти и да ги зајакне градежните инспекциски служби – се дел од препораките на Државниот завод за ревизија објавени на 35 страници во конечниот Извештај за усогласеност во спроведувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Ревизорите во заклучокот наведуваат дека не се почитувале роковите предвидени со Законот, не се постапувало ниту по решенијата на градежните инспектори.
„Законски дадената можност за доставување на некомплетни барања за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, кои најчесто се без геодетски елаборат и имотен лист за земјиштето на кое е изграден бесправниот објект, честите измени на законот, непочитување на утврдените рокови во Законот за преземање одредени дејства, кадровската неекипираност на градежната инспекција, непостапување по донесените заклучоци од градежните инспектори, сложеноста на процесот на донесување на планско урбанистичка документација, носење на одлуки за времен прекин на донесување и спроведување на урбанистичко-планска документација и постапки и слабостите во делот на наплатата на надоместоците за регулирање на правниот статус на бесправно изградените објекти имаат влијание процесот на утврдување правен статус на бесправно изградени објекти во општина Струга да не се одвива според потребната/очекуваната динамика што влијае на одолговлекување на процесот и непостигнување на целите на Законот,“
стои во заклучокот од ДЗР.
Во однос на дивоградбите ревизорите забележуваат дека Општината не ги отстранува.
„До денот на ревизијата во општина Струга има 4 040 одбиени барања за регулирање на правниот статус на бесправно изградени објекти, кои согласно со Законот за регулирање на правниот статус на бесправно изградените објекти и Законот за градење треба да бидат отстранети. Во периодот опфатен со ревизијата, Општина Струга нема спроведено отстранување на бесправно изграден објект, согласно со Законот за постапување со бесправно изградените објекти, а со исклучок на другите години (2011-2019), во текот на 2017 година, општината нема ангажирано надворешна фирма за отстранување на бесправно изградени објекти“
пишува во извештајот.
Ревизорите дообјаснуваат дека ваквата состојба не е во согласност со член 24 од Законот, каде што е регулирано дека бесправните објекти, кои нема да ги исполнат условите за издавање урбанистичка согласност, односно за кои ќе се донесе решение за одбивање на барањето за утврдување правен статус ќе се отстранат согласно со одредбите на Законот за градење.
Градоначалникот Рамиз Мерко, кој во повеќе наврати негираше дека во Струга има дивоградби, испратил допис до ДЗР дека за Општината се прифатливи забелешките од извештајот и наведува дека ќе постапи по нивните барања.