Од компанијата истакнуваат дека инцидентот е пријавен кај сите надлежни институции согласно препораките и правилата за кибербезбедност
Македонскиот електропреносен оператор (МЕПСО) АД Скопје се соочува со кибернапад, но, како што соопштија од компанијата, целосниот интегритет на електроенергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени.
Од МЕПСО истакнуваат дека критичната електроенергетска инфраструктура не е цел на нападот.
„Во услови кога целиот свет се соочува со негативен глобален тренд на кибернапади и нашата компанија не остана имуна на тоа. Иако АД МЕПСО ги има преземено сите мерки за заштита од кибернапади од највисок степен сепак, деновиве се соочивме со инциденти од тој вид. Имајќи предвид дека основната дејност на АД МЕПСО е пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем ја информираме јавноста дека критичната електроенергетска инфраструктура е безбедна, целосно функционална и не е предмет на овој кибернапад. Тоа значи дека целосниот интегритет на електроенергетската мрежа и снабдувањето со електрична енергија не се загрозени“,
се наведува во соопштението на МЕПСО.
Оттаму истакнуваат дека инцидентот е пријавен кај сите надлежни институции согласно препораките и правилата за кибербезбедност.
„Од страна на нашите стручни служби се преземени сите мерки за ублажување на ефектите од овој кибернапад и во соработка со експерти од областа работат на нормализирање на секојдневната работа на компанијата“,
се додава во соопштението.