Веќе три години во земјава нема пресуди по телефон и воопшто не е доведено во прашање базичното право на судиите да донесат одлука, вели министерот за правда
Програмата на СДСМ за овие избори е препишана од програмата на фашистичката партија на Бенито Мусолини во Италија, во делот посветен на правото, насловен “Ред, дисциплина и правда”, тврди Тони Менкиноски, претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ.
Во дебата на ТВ 24, Менкиноски го праша новиот министер за правда Бојан Маричиќ дали знае од каде препишал тој што ја пишувал програмата на СДСМ.
„Оваа програмата за ред и дисциплина е на Бенито Мусолини. И вие многу добро знаете дека некој кој ви ја правел програмата дури и семантички препишувал од таа програма која е фашистичка“,
рече Менкиноски.
Менкиноски, вели дека се урива принципот на демократијата со најавената ревизија на судските пресуди во последните пет години, додавајќи дека овој процес е необјективен и нетранспарентен, односно, како што рече тој, ова ќе го искористат во заплашување на одреден број на судии да носат пресуди, сега не по телефон, туку во четири очи, бидејќи ќе бидат под надзор.
Маричиќ, пак, рече дека веќе три години во земјава нема пресуди по телефон, но затоа, пак, е засилена ефикасност и независност на судството и воопшто не е доведено во прашање базичното право на судиите да донесат одлука.
„Нема да има пресуди во четири очи, ниту на телефон. Очекуваме судиите да одлучуваат по своја волја и по закон без мешање на извршната власт и со задржување на поделбата на власта. Довербата во судството заначи доверба и во системот затоа што кога немаат граѓаните доверба во судството немаат ни во системот. Имаме предуслови довербата да ја кренеме еден степен погоре“,
рече Маричиќ.
Тој рече дека не е поентата да има „ваши“ и „наши“ судии, туку судии кои се професионалци, работат по закон и испорачуваат ефикасна правда и судии и јавни обвинители кои биле под одредено влијание дали од политичка партија, бизнис или личен интерес.
„Борбата е како да се стави точка на правосудниот систем во кој доминира влијанието. Добри чекори се направени, меѓутоа има уште многу да се направи. Опозицијата ќе има подадена рака од нас цело време за да помогне во тој процес“,
потенцира Маричиќ.