Министерот за правда, Бојан Маричиќ, во интервју за „360 степени“ зборуваше за најавата за европски мониторинг на високопрофилираните случаи на корупција и организиран криминал.
Тој вели дека законите кои беа донесени се позитивно оценети од ЕУ, но важен елемент за владеењето на правото е колку брзо се решаваат случаите со високата политика и затоа е побарана помош од Унијата за мониторинг на ваквите случаи.
„ЕУ ќе даде финансиски средства за проект кој ќе трае 3 години а кој ќе биде спроведуван од страна на ОБСЕ. Вчера имав средба со амбасадорот на ОБСЕ и разговаравме детално за ова. Она што можам да го кажам е дека ќе има зголемен број на случаи кои на годишно ниво ќе ги следат, околу 50-тина, дека ќе имаат сериозно регрутирање на стручњаци, и од земјава и од странство кои ќе можат да учествуваат во мониторирањето на овие случаи и дека ќе произведуваат редовни извештаи, и случај по случај и генерално за да ни укажат пред се на некои системски недостатоци доколку ги има во спроведувањето на правото“,
рече Маричиќ.
Тој очекува дека овој механизам ќе биде во функција на почетокот на идната година.