Одговарајќи на прашање за односот на граѓаните Албанци кон блокадата на Собранието и неможноста да се формира Влада, поранешната пратеничка од редовите на ДУИ, Ермира Мехмети, во дебатата на „360 степени“ рече дека Албанците го искажале својот став со гласањето против, како што рече, една албанска опција и про една опција која се сметаше како македонска во опозицијата.
– Фактот што денес можеме да калкулираме математички со ново парламентарно мнозинство во кое се опфатени сите албански политички партии, јас мислам дека не говори за загрозување на интегритетот, како што претендира ВМРО-ДПМНЕ, туку зборува за одредба за зачувување на интегритетот. Затоа што спротивното на ова би било анархија. Замислете сега доколку и овие Албанци би излегле на протести и би се организирале исто така, албански парамилитарни структури на теренот и кога би се судриле тие некаде на некоја крстосница, ние може само да кажеме „Не дај Боже да се случи таква ситуација“ – рече Мехмети.
Таа вели дека кај Албанците нема нервоза туку освестување, политичка умереност и зрелост.
– Не мислам дека би било добро за кој било некоја сцена или ситуација во која Албанците би демонстрирале други форми на непослушност. Напротив, мислам дека овој вид на политичка зрелост која не се однесува на политичкитте партии туку свеста на граѓаните Албанци од Македонија, е најдобриот аргумент против сите шовинистички тези, сите националистички тези, целата таа ксенофобија која деновиве ја поддржува и спонзорира ВМРО-ДПМНЕ преку протестите. Албанците не сакаат ни конфронтација, ниту да ја земат државата, ниту да ја федерализираат. Албанциите бараат стабилни институции, мирен трансфер на власта и одење напред во насока на интеграција – рече Мехмети.