Претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен денеска уште еднаш порача дека за земјите од Западен Балкан не важи механизмот на ЕУ за ограничување на извоз на вакцини, односно дека компаниите што ги почитуваат договорите со ЕУ можат да извезуваат вакцини во овој дел од Европа.
„На сите ни треба предвидливост кога станува збор за испорака на вакцини. Затоа е воведен механизам за транспарентност и авторизација на извозот. Немаме намера да ги ограничуваме компаниите што ги почитуваат договорите со ЕУ, а автоматски се изземени ограничувањата на извозот во земјите од Западен Балкан, во нашето соседство, за хуманитарни потреби и во 92 земји со мал и среден приход од инструментот Ковакс“,
рече Фон дер Лајен во говорот пред Европскиот Парламент.
Фон дер Лајен изјави дека вакцинирањето во ЕУ се забрзува и оти останува целта да се имунизираат најмалку 70 проценти од населението до крајот на летото. Досега се испорачани 26 милиони дози вакцини во ЕУ и дека вакцинирани се околу 17 милиони луѓе.
„Сè уште не сме таму каде што би сакале да бидеме во борбата против вирусот“,
нагласи Фон дер Лајен.
Таа призна дека ЕУ била „преголем оптимист“ кога станува збор за масовно производство на вакцини, но исто така ги отфрли сите критики за заедничката набавка на вакцини, која сега доцни со испорака до земјите членки.
Покрај најавата за поддршка за масовно производство на вакцини, Фон дер Лајен најави и координација во рамки на ЕУ кога станува збор за борба против нови мутации на вирусот, иако призна дека немаат многу податоци за ефикасноста на вакцините против новите варијанти на вирусот.
„Тие ќе продолжат да се појавуваат и ние мора веднаш да се подготвиме. Треба да се осигураме дека сме безбедни следната зима и подолго“,
заклучи Фон дер Лајен и најави дека следната недела ќе презентира нова агенда на ЕУ за борба против новите варијанти на вирусот.