Директорот на болницата уверува дека персоналот е соодветно заштитен и смета дека вирусот меѓу вработените е донесен однадвор
Болницата „8 Септември“ стана инфективна клиника. Персоналот е преморен и ни треба засилување, вели директорот д-р Христијан Костов за „360 степени“.
Смета дека отсуството на петнаесетте заболени здравствени работници од коронавирус нема да се одрази врз работата на ковид-одделенијата и другите оддели во болницата, но алармира дека им е потребна замена на оние што со месеци работат под посебни услови, што, како што вели, е исклучително тешко.
„Персоналот три месеци цело време е во скафандер. Луѓето се заморуваат. Им треба замена. Мора да пратат медицински сестри од Клиника, таму нема толку тешка работа. Да ги менуваме луѓето, ќе им падне имунитетот, ќе се разболат. Нека ни пратат триесетина медицински сестри. Ако од секоја клиника дојдат по неколку сестри, ќе може да работиме вака уште една година ако треба“,
вели Костов.
Директорот уверува дека персоналот е соодветно заштитен и смета дека вирусот меѓу вработените е донесен однадвор. По добивањето на позитивните резултати, уште десет лица биле испратени во самоизолација, кои откако ќе бидат тестирани ќе можат да се вратат на работа.
„Меѓу заболените има доктори, сестри, болничари и вработен во оддел за логистика. Сите работат на различни оддели, има и двајца од ковид-одделението. Јас сметам дека вирусот е внесен однадвор, дека се инфицирале надвор од работното време. Ние сме целосно опремени, има многу високо ниво на заштитна опрема и строго е забрането да не се носи таа опрема, не смее никој да шета без опрема. Сите што биле во контакт се во самоизолација и по препорака на епидемиолозите, бидејќи носеле заштита, ќе останат дома до четврток, кога ќе ги тестираме. Ако имаат негативен резултат, ќе се вратат на работа“,
вели директорот.
Во болницата во „8 Септември“ засега има шест одделенија кои работат како центри за ковид-19. Во моментов таму лежат 50 позитивни пациенти. Од нив 10 се на респираторна машина, а има и пациенти со тешка клиничка слика кои се на кислородна поддршка. Слободни респиратори има уште за 10 пациенти.
Костов посочува дека особено им ја отежнува работата тоа што во оваа болница се пренасочуваат сите лица на кои им е потребна некаква интервенција, а имаат сомнителни симптоми на ковид-19.
„Сега-засега се држиме добро, но бројот на пациенти што доаѓаат на преглед не се намалува. Секој ден примаме по минимум десет пациенти со симптоми на ковид-19. Веќе имаме 50 позитивни лица во болницата и уште толку што сме ги примиле како сомнителни, кои по направената интервенција останале во болницата“,
вели Костов.
Меѓу хоспитализираните се и две медицински лица вработени во болницата кои се заболени од ковид-19 и имаат полесна клиничка слика.