Побаравме сите здравствени институции во државата да достават информации за тоа колку луѓе им се потребни, како и за какви кадровски решенија станува збор. Во ова треба да има и систематизација за да има функционалност. Затоа не може толку да брзаме, вели министерот за здравство

Министерот за здравство Фатмир Меџити најавува дека во здравствениот сектор ќе има нови вработувања и дека за ова прашање веќе се разговара со сите засегнати страни, но не прецизира временски рок кога тоа ќе се случи, иако вети дека ќе биде во најбрз рок.
„Веќе разговараме со сите засегнати страни како Министерството за финансии, Фондот за здравствено осигурување и со Владата и сите министри и ќе најдеме решение. Но, прво ни треба да имаме една стратегија и да направиме програми. Побаравме сите здравствени институции во државата да достават информации за тоа за колку луѓе им се потребите, како и за какви кадровски решенија станува збор. Во ова треба да има и систематизација за да има функционалност. Затоа не може толку да брзаме. Но, знаејќи ја и финансиската ситуација на државата, нормално дека треба да се адаптираме и кон тоа“,
рече Меџити.
На прашањето дали здравствените работници ќе го добијат зголемувањето на платата, Меџити рече дека тоа што го ветиле деновиве ќе го има конечниот резултат.
„Мислам дека од тоа ќе излезат сите задоволни, но нема да застанеме тука. Ќе ги видиме сите финансиски можности бидејќи излегуваме од економската и постковид кризата, и ќе видиме здравствените работници секогаш да имаат повисоки примања“,
додаде министерот.
Запрашан за состојбата на болницата во Битола, по смртта на шестгодишното девојче, Меџити увери дека во здравството „сè се одвива по итност“.
„Ние сме лекари и точно знаеме што е итност и што е ургенција, барем кај нас сите работи во здравството така да се одвиваат. Но јас сум еден месец министер и нормално, сите проблематики ќе се потрудиме да ги решиме“,
посочи министерот.