Кои се имињата на овие пратеници кои, според него, ќе станат дел од новото мнозинство, тој не сакаше да открие, но рече дека во „Европскиот фронт“ има две турски партии, а турската заедница, како што додаде, нема потенцијал да остане четири години во опозиција
Изет Меџити, лидерот на Демократското движење кое е дел од коалицијата „Вреди“, извесниот партнер во идната влада што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, синоќа во изјава за албанската телевизија А2 Си-ен-ен, меѓу другото, рече дека три до четири пратеници од коалицијата „Европски фронт“ со едната нога се дел од новото мнозинство.

Меџити ова го кажа коментирајќи ги состојбите и позициите во коалицијата „Европскиот фронт“, предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Според него, таа коалиција не успеала да се обедини на идеолошки основи и сега кога е извесно дека нема да биде дел од владата, почнува нејзиното распаѓање.
Кои се имињата на овие пратеници кои, според него, ќе станат дел од новото мнозинство, тој не сакаше да каже, но рече дека во „Европскиот фронт“ има две турски партии, а турската заедница, како што додаде, нема потенцијал да остане четири години во опозиција.
„Европскиот фронт не се обедини на идеолошка основа, не ги споија програмата, туку се обединија за да опстанат и да бидат дел од Владата. Во моментот кога не се дел од Владата, мисијата пропаѓа и почнува распаѓањето на Европскиот фронт. Така што, вечерва можам да кажам дека веќе од тие 18 пратеници, три-четири пратеници со една нога се дел од новото мнозинство. Вечерва нема да ги кажам имињата, но таму има две турски партии, а турската заедница нема капацитет и потенцијал да остане 4 години во опозиција, тие се гледаат себеси во идната влада. Има и некои други пратеници кои се со Ахмети, кои немаат врска со коалицијата и кои во минатото предизвикувале жртви кај Албанците. Им пропадна мисијата“,
вели Меџити за А2 Си-ен-ен.
Инаку, од 18 пратеници колку што брои коалицијата „Европски фронт“ во новиот парламентарен состав, 10 доаѓаат од ДУИ, додека останатите осум се од другите коалициски партнери – Алијанса за Албанците (АА), која има четири и Демократската партија на Албанците (ДПА), Народно движење, Демократската партија на Турците и Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија, со по еден пратеник.
Изјавата на Меџити доаѓа по вчерашната прес-конференција на претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, на која тој порача дека започнуваат битка за почитување на духот на Охридскиот договор.
„Драги пријатели, легитимитетот е столб на стабилноста, безбедноста, благосостојбата, еднаквоста. Затоа, ние заедно ја започнуваме битката за почитување на духот на Охридскиот договор, кој се заснова на легитимноста и обичајното право на застапување од страна на оние што го имаат легитимитетот на заедниците“,
изјави Ахмети.
На прес-конференцијата зад лидерот на ДУИ стоеја лидерите на сите останати партии од коалицијата „Европски фронт“, односно присутни беа Зијадин Села (Алијанса за Албанците), Мендух Тачи (ДПА), Скендер Реџепи-Зејд (Народно движење), Салих Мурат (Движење на Турците на Македонија за правда и демократија), Бејџан Илјаз (Демократска партија на Турците), Мунир Колашинац (Бошњачки демократски сојуз), Фатма Османовска (Унија на Ромите) и Аријанит Хоџа (Европска демократска партија).

Во реакцијата по прес-конференцијата, од „Вреди“, меѓу другото, ѝ порачаа на ДУИ да се однесува како одговорна опозиција и поради лични и теснопартиски интереси да не ги жртвува ЕУ-перспективите на Северна Македонија.
„Старата корумпирана политичка конјунктура народот со глас ја замени со нова генерација на образовани, одговорни, отчетни, транспарентни и професионални политички претставници. Времето на политички шарлатанизам и таканаречени ‘големи идеи’ е изминато. Не е ништо страшно да се биде опозиција. Нека се реформира ДУИ и наместо со гласовите на други етнички заедници и изборни манипулации, нека се обиде да се легитимира помеѓу албанскиот народ со нови кадри!“,
рекоа од коалицијата „Вреди“.
Прес-конференцијата на лидерот на ДУИ уследи по завчерашната конститутивна седница на Собранието, која беше првиот настан на кој се исцртаа контурите на новото владејачко мнозинство кое ќе го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и ЗНАМ. На седницата за нов претседател на Собранието беше избран Африм Гаши од „Вреди“, а за време на дискусијата и на чинот на гласањето пратениците на ДУИ не беа присутни во пленарната сала на законодавниот дом.