„Јас и Таравари најверојатно ќе бидеме во извршната власт. Јас ќе извршувам функцијата вицепремиер и министер за екологија, додека Таравари повторно ќе го води ресорот здравство. Касами повторно ќе се врати во Тетово за да го доврши мандатот кој успешно го започна. ‘Вреди‘ ќе има двајца албански вицепремиери во новата извршна власт“, вели претседателот на Демократското движење, кое е дел од коалицијата „Вреди“
Новата влада ќе се формира по празникот Бајрам, на 19 или 20 јуни. Ова денеска во изјава за ТВ Алсат го најави претседателот на Демократското движење, кое е дел од коалицијата „Вреди“, Изет Меџити, посочувајќи дека веројатно тој ќе биде прв вицепремиер и министер за екологија, додека Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, министер за здравство.
„Јас и Таравари најверојатно ќе бидеме во извршната власт. Јас ќе извршувам функцијата вицепремиер и министер за екологија, додека Таравари повторно ќе го води ресорот Здравство. Касами повторно ќе се врати во Тетово, за да го доврши мандатот, кој успешно го започна. ‘Вреди‘ ќе има двајца албански вицепремиери во новата извршна власт. Сериозен кандидат за вицепремиер за добро владеење ќе биде Арбен Фетаи од Алијансата за Албанците на Таравари. Деновиве ќе се одлучува за вицепремиерското место за евроинтеграции, кое треба да припадне на Алтернатива за Албанците. Беса, пак, треба да одлучува за министерските места за економија и социјална политика“,
вели Меџити.
За гласањето на законот за реорганизација на владата од пратениците на ДУИ, Меџити вели дека тоа покажува оти се контрадикторни, дека го изгубиле политичкиот компас и ги менуваат позициите во рок од еден ден.
На новинарско прашање дали со гласањето на законот, ДУИ се обидува да се доближи до ВМРО за да побара заштита од евентуален прогон, Меџити рече дека власта што доаѓа е стабилна и не треба да се валка со, како што рече, вакви политички акробации.
„Оваа влада има стабилност во бројки, како можеби ниту една друга влада од 90-тите години. Нема потреба да се запленуваат или да влезат во нечии хипотеки. Затоа мислам дека овие движења и овие политички акробации се бескорисни“,
вели тој.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на 6 јуни му го додели мандатот за формирање влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чија партија на парламентарните избори што се одржаа на 8 мај освои 58 мандати.
Сиљановска-Давкова, повикувајќи се на уставните рокови и фактот дека претседателот на Собранието, Африм Гаши беше избран со 76 гласа, изрази уверување дека Мицкоски може да формира влада и затоа, како што нагласи, му го доверува мандатот.
Сега тече дваесетдневниот рок за формирање нова влада. Мандатарот Мицкоски изјави дека очекува новата влада да биде формирана пред крајниот рок, а по одбележувањето на годишнината на партијата на 17 јуни.
Со двотретинско мнозинство од 88 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден „воздржан“ Собранието пред два дена го донесе Законот за реорганизација на органите на државната управа, чиј предлагач беше пратеникот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е и мандатар за состав на новата влада.
Со овој нов закон, се предвидува да бидат формирани или реорганизирани определен број министерства во рамките на самата влада, а потоа ги наброја оние министерства кои ќе се реорганизираат, но и новите кои ќе се формираат. Така, наместо досегашните 16, во владата ќе има 20 министерства.
Според него, реорганизација ќе се направи на Министерството за економија, кое ќе стане министерство за економија и труд, а сегашното Министерство за труд и социјална политика ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади. Ново ќе биде министерството за спорт, како и министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Мицкоски најави и министерство за култура и туризам, министерство за дигитализација, како и ново министерство за администрација.