Заедно со доскорешните пратеници од ДУИ ќе дејствува и пратеникот Кастриот Реџепи кој по разидувањето со Движењето Беса дејствуваше независно во парламентот, а потоа се приклучи кон пратеничката група на ДУИ во Собранието. Реџепи ќе биде координатор на „независната тројка“ во Собранието, а негова заменичка Мерита Коџаџику
Пратениците од редовите на „огнената група“ во ДУИ, Изет Меџити и Мерита Коџаџику, кои неодамна најавија формирање ново политичко движење, од денеска и официјално ќе дејствуваат како независни во законодавниот дом. Заедно со нив ќе дејствува и пратеникот Кастриот Реџепи, кој по разидувањето со Движењето Беса дејствуваше независно во парламентот, а потоа се приклучи кон пратеничката група на ДУИ во Собранието.
За ваквата одлука тие веќе го известиле собранискиот спикер Талат Џафери.
„Денеска официјално писмено го информиравме и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија дека ќе делуваме како независни пратеници. Ве повикуваме сите без исклучок, да станете дел од новото движење за да станете дел од големата промена, дел од новиот почеток“,
напиша Меџити на својот фејсбук-профил, каде што има објавено и видео од Коџаџику.
Координатор на „независната тројка“ во Собранието ќе биде Кастриот Реџепи, а негова заменичка ќе биде Мерита Коџаџику, соопшти самата пратеничка во видеообраќањето кое е објавено на профилот на Меџити.
„Јас, Мерита Коџаџику, Изет Меџити и Кастриот Реџепи ќе делуваме како независни пратеници. Координатор на оваа група ќе биде Кастриот Реџепи, додека јас ќе бидам негова заменичка. Воедно, би сакала да ве повикам сите без исклучок да станете дел од новото движење“,
вели пратеничката Коџаџику во видеообраќањето, пренесе МИА.
Доскорешниот висок функционер во ДУИ и предводник на т.н. „огнена група“ во партијата, Изет Меџити, претходно овој месец најави целосно отцепување од Демократската унија за интеграција и формирање ново политичко движење заедно со Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи.
Движењето на Меџити, кое засега нема име, ќе биде формирано на 13 август, ден на Рамковниот договор, кога и официјално ќе се формира новиот политички субјект.
Пред два дена, Меџити ги повика граѓаните да го кажат своето мислење и да дадат предлог за името и слоганот на новото движење. За таа цел Меџити ја презентираше онлајн платформата www.levizja.mk на која граѓаните се повикуваат да ги дадат своите предлози за името и слоганот на движењето.