„Охридскиот договор е договор за државата, не е договор за вечно учество на една политичка партија во власта. Северна Македонија ќе премине од општество со договори кон општество со разбирање“, вели Меџити
Прославувањето на Охридскиот рамковниот договор од страна на ДУИ е партиска прослава, вели првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Според него, Охридскиот договор бил договор како ќе функционира државата, а не како една политичка партија постојано ќе опстојува на власт. Додаде дека кога ДУИ била на власт го девалвирала Охридскиот рамковен договор со концерти и организирање прослави надвор од институциите.
„И овој пат, кога институционално се прославува годишнината на Рамковниот договор, тие повторно го прават истото, значи прават партиска прослава. Ништо различно, како и секогаш, ДУИ е надвор од нормалните текови, од институционалните текови“,
рече Меџити.
Меџити вели дека во последниве денови се оживува темата за Охридскиот рамковен договор, како што додава, како инструмент за манипулирање со јавното мислење.
„Охридскиот договор е договор за државата, не е договор за вечно учество на една политичка партија во власта. Периодот пред нас ќе биде период кога ќе отвориме нова етапа на политика и креирање политики. Северна Македонија ќе премине од општество со договори кон општество со разбирање“,
додаде Меџити.
Меџити, коментирајќи ги најавите за можна дестабилизација од страна на ДУИ, смета дека интегративците немаат капацитет за демонстрации и протести и оти не можат да се навикнат да бидат опозиција по 20 години на власт.