Меѓу присутните се високи партиски функционери од ДУИ, ексминистри и поранешни и актуелни градоначалници. Камерата на „360 степени“ ги забележа партискиот лидер Али Ахмети, поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, ексшефот на македонската дипломатија Бујар Османи, како и поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими
Конференциската сала во хотелот „Александар палас“ во Скопје почна да се полни со гости кои попладнево ќе присуствуваат на настанот организиран од опозициската коалиција „Европски фронт“ по повод 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Меѓу присутните се високи партиски функционери од ДУИ, ексминистри и поранешни и актуелни градоначалници.
Камерата на „360 степени“ ги забележа поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, ексшефот на македонската дипломатија Бујар Османи, како и поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими.
Присутен е и партискиот лидер Али Ахмети. Седнат во првиот ред во публиката, меѓу другите, е придружуван од поранешниот собраниски спикер и актуелен пратеник Талат Џафери и од коалицискиот партнер во „Европскиот фронт“, Зијадин Села.
Дел од гостите на настанот се и актуелниот струшки градоначалник Рамиз Мерко како и ексградоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи.
Настанот во организација на ДУИ по повод одбележување на 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор се одржува паралелно на настанот кој по истиот повод денеска го одржува власта. За во 13 часот е најавена свечена владина седница на која ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски, како и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.