„Нема дилема, за тие што ги познаваат приликите, победникот во албанскиот блок е Европскиот сојуз за промени. Отсега натаму дилемата е само која ќе биде разликата“, рече Меџити

Претседателот на Демократското движење Изет Меџити вели дека лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари донел автономна одлука да ја поддржи албанската опозиција и дека клучно за тоа била поддршката што ја добил од членството.
„Тоа е за пофалба бидејќи успеал да не подлегне на притисоците и понудите кои ги добиваше на честите средби со Али Ахмети, но и со техничкиот премиер Талат Џафери кои беа да го молат со големи понуди, па дури и за идната власт. Но, мислам дека клучно било тоа што го размислувало членството на Алијанса за Албанците, тоа го потврдија и анкетите, а евидентна е и поддршката од членството“,
рече Меџити во вечерашното гостување во централниот дневник на телевизија „Сител“.
Според Меџити, очигледно е дека во албанскиот блок ќе биде динамично, но веќе се знае кој ќе биде победникот.
„Нема дилема, за тие што ги познаваат приликите, победникот во албанскиот блок е Европскиот сојуз за промени. Отсега натаму дилемата е само која ќе биде разликата“,
рече Меџити.
Европскиот сојуз за промени, според него, ќе победи во првата, втората, петтата изборна единица, а убедливо ќе победи, особено, во шестата изборна единица што, според него, е важно бидејќи половина од пратениците произлегуваат од оваа изборна единица.
Потврди дека Таравари бил еден од кандидатите за претседател, но вели ќе разговараат и со други кандидати.
„Имаме одлука за албански кандидат за претседател и овојпат со големи шанси да влезе во вториот круг на изборите“,
рече Меџити.
Во однос на партијата Самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти, вели дека евидентно е дека тој има голема поддршка кај Албанците во земјава.
Курти, додаде тој, долго време ја поддржува албанската опозиција во земјава, но одлучил да не формира партија, туку во овој момент да и помогне на албанската опозиција, а на заедничките листи на Европскиот сојуз за промени, ќе има кандидати кои го поддржуваат Самоопределување.
„Правен носител ќе биде Европскиот сојуз за промени. Јас припаѓам на Демократското движење, Билал на Беса, Таравари на АА, но ќе имаме листа на Европскиот сојуз за промени и сите ќе бидеме на заедничка листа. Де јуре не е присутен тука бидејќи нема основано Самоопределување во Република Македонија, но де факто е присутен тука, преку свои претставници, влијание, поддржувачи“,
рече Меџити.
Тој додаде дека Беким Ќоку, кој е советник на Курти за Македонија, ќе биде на заедничките листи на Европскиот сојуз за промени.
