„Точно е дека претседателот (на Европскиот совет Шарл Мишел н.з.) ја спомена 2030 година (за следно проширување на ЕУ со нови членки н.з.), и самиот претседател Макрон секогаш ја подвлекува важноста на проширувањето од перспективата на напредокот, стабилноста и безбедноста. Она што постојано ме изненадува е тоа како оние кои коментираат, успеваат позитивните шанси кои се презентираат, да ги претворат во нешто сосем спротивно, црното станува бело, а белото црно. Ова е шанса, ова е јасна порака до земјите кандидатки дека ги сакаме внатре, дека ја сакаме оваа земја, Северна Македонија во ЕУ, еве ви можност, тоа е планот“, рече Гир во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител
Она што постојано ме изненадува е тоа како оние кои коментираат успеваат позитивните шанси кои се презентираат да ги претворат во нешто сосема спротивно, црното станува бело, а белото црно. Ова меѓудругото го кажа евроамбасадорот Дејвид Гир во вечерашното гостување во „Тема на денот“ во Дневникот на ТВ Сител, коментирајќи ја и давајќи објаснување на изјавата на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел од неговото обраќање на неодамнешниот Бледски стратешки форум, како и онаа на францускиот претседател Емануел Макрон, и двете поврзани со проширувањето на ЕУ.
„Точно е дека претседателот (на Европскиот совет Шарл Мишел н.з.) ја спомена 2030 година (за следно проширување на ЕУ со нови членки н.з.), и самиот претседател Макрон секогаш ја подвлекува важноста на проширувањето од перспективата на напредокот, стабилноста и безбедноста. Она што постојано ме изненадува е тоа како оние кои коментираат, успеваат позитивните шанси кои се презентираат, да ги претворат во нешто сосем спротивно, црното станува бело а белото црно. Ова е шанса, ова е јасна порака до земјите кандидатки дека ги сакаме внатре, дека ја сакаме оваа земја, Северна Македонија во ЕУ, еве ви можност, тоа е планот“,
рече Гир во интервјуто.
Клучен е консензусот меѓу партиите за тоа кога С Македонија ќе стане членка на ЕУ
Во врска со тоа кога земјата ќе стане членка на Европската Унија, евроамбасадорот како клучни ги наведе согласноста на партиите од власта и опозицијата околу реформите, нивната имплементација и одлучноста да се оди напред со вмрежување на сите институции. Членството во ЕУ, рече Гир, треба да биде национален проект, кој треба да биде во фокусот и на власта и на опозицијата.
Говорејќи за уставните измени, Гир посочи дека предложениот текст на измените е само дополнување на добрите внатрешни меѓуетнички односи и не со во спротивност со фундаменталниот интерес на државата. Во тој контекст, тој предупреди дека ЕУ нема повторно да преговара за нова рамка.
„Ќе има две работи кои ќе бидат клучни за тоа кога земјата ќе се приклучи на ЕУ. Ќе повторам како прво, политичките партии мора да се согласат дека ЕУ реформите се врвен приоритет и дека ќе ги стават пред сите други приоритети, дека ова треба да биде национален проект. Не мора да се прави коалиција, здраво е да се има влада и опозиција, но мора да се согласат дека ова е главен фокус. Така Хрватска напредуваше во тешките години на спроведување на агендата. И втората работа е повторно поврзана со она што го нареков „национален проект“, а тоа е таа амбиција и одлучност да се оди напред со реформите преку вмрежување на сите институции: Владата, Парламентот, судството, полицијата…се што имате. Ако така се постават работите датумот е достижен, но мора да се имлементираат реформите, кои граѓаните сами ги бараат“,
вели Гир.
Според него, говорот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во Блед е охрабрувачки, а не „студен туш“ и дека тоа што тој го кажал се рефлектираше и во изјавите на еврокомесарот за приширување Оливер Вархеји дадени подоцна, а се однесуваат на итноста и потребата да се оди напред.
На прашањето дали планот е реален, евроамбасадорот вели дека агендата е амбициозна и бара суштински реформи кои ќе имаат влијание врз сите области, почнувајќи од владеењето на правото, борбата со корупцијата, економијата, животната средина, градење на вештини на работната сила за да може земјата кога ќе пристапи во ЕУ да има бенефити од тоа што е внатре и да може да се носи со конкуретноста во ЕУ.
Секој пратеник треба самиот да донесе одлука за уставните измени
Во врска со уставните измени, евроамбасадорот упати своевидна порака дека секој пратеник треба самиот да донесе одлука за тоа што е во интерес на државата и кој е најдобриот начин да се оди напред. Тој оценува дека по однос на ова прашање има жива дебата и дека тоа добро.
„Предлозите се специфицирани и врз нив треба да се фокусираме, тоа не се апстрактни идеи. Ние придонесуваме во таа дебата и јасно ни е дека се работи за суверена одлука на земјата, но сакаме да укажеме на неколку поенти за кои мислиме дека ќе помогнат во ситуацијава. Имаме текст за предлозите, кои се само дополнување на добрите внатрешни меѓуетнички односи и не се во спротивност со фундаменталниот интерес на државата. И како второ, да се вратам пак на говорот на Мишел од Блед, а тоа е дека во моментов живееме во вонредни времиња, тука е инвазијата на Русија врз Украина, неправедна и непровоцирана, која ја интензивираше потребата од проширување. Проширувањето не е веќе само напредок, туку и стабилност, безбедност и демократски вредности. Стратешки интерес е и за ЕУ и за земјите кандидатки брзо да се приклучат, врз основа на реформите. Ќе повторам за овие уставни промени секој пратеник или пратеничка ќе одлучи што ќе направи, но мислам дека треба да се има пред себе поголемата слика, да не се пропушти овој момент во политиката и меѓународните односи. Мислам дека оваа шанса треба да се зграпчи за да може одлучно да се тргне напред“,
вели евроамбасадорот.
На прашањето дали има разговори за исполнување на некои од условите што ги постапува опозицијата за да се дојде до уставни измени, евроамбасадорот потсети дека во земјава биле повеќе министри и партнери кои разговарале со Владата и со опозицијата и дека им го објасниле поширокиот контекст и дале уверување дека македонскиот јазик е потврден и признат во преговарачката рамка, со потврден идентитет и култура, историја, дека не го губиме својот идентитет на патот кон ЕУ.
„Им обајснија како ние на тоа гледаме во Унијата. Сигурен сум дека овие дискусии ќе продолжат отворено и јасно, да укажат зошто уставните промени ќе го овозможат следниот чекор, а тоа е одржување на меѓувладината конференција и потоа влегување подлабоко во преговорите за клучните прашања“,
рече Гир.
ЕУ нема повторно да разговара за нова Преговарачка рамка
Европската Унија, потенцираше тој, нема повторно да преговара за договорот кој е направен во јули 2022.
„Ние стоиме зад тој договор, сакаме да биде имплементиран и уверуваме дека процесот на проширување ќе биде базиран на заслугите и нема да има загриженост за иднината на идентитетот, јазикот и културата и историјата на земјава“,
дециден е евроамбасадорот.
На прашањето дали има рок до кога треба да бидат донесени уставните измени, имајќи предвид дека во Собранието го нема потребното двотретинско мноизнство, Гир рече дека политичарите треба да мислат како да го покренат процесот напред.
„Политиката е уметност на возможното и затоа не сакам да исклучам ниту една можност која ќе не придвижи напред. Но, можам да кажам дека скрининг процесот сам по себе, кој е важен и можен токму заради тоа што се отвори процесот на преговарање ќе заврши некаде на крајот на годинава, што значи ако уставните промени не се направат нема да може да се оди натаму, на следниот чекор кој е Меѓувладината конференција, а потоа и одење подлабоко во преговарањето за клучните точки како што се владеењето на правото, антикорупцијата и друго“,
кажа Гир.
Евроамбасадорот беше прашан и за измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои денеска беа изгласани во Собранието. Тој рече дека од Делегацијата на ЕУ во земјава од вчера вечер се на веб-страницата на Собранието, но оти сè уште не ги разгледале со колегите од Брисел и поради тоа не може да коментира.
„Ние сè уште не сме го завршиле тој процес, и затоа не можам да коментирам многу, освен да потсетам дека предлозите кои се со европско знаменце треба да бидат во насока на стандардизирање на домашните закони со европската легислатива. Европското знаменце е со цел да ја скрати дебатата во Парламентот за да има време да се усогласат сите закони и да оди процесот побрзо. Тоа не значи дека треба да ги скратувате важните дискусии или да се користи да се надминат процедуралните тешкотии“,
изјави Гир.
За скандалот во Клиниката за онкологија евроамбасадорт посочи дека во моментот полицијата и обвинителството во земјава вршат истрага и затоа не може да коментира за конкретниот случај, но рече дека во текот на годините ЕУ инвестирала многу во засилување на капацитетите на полицијата, обвинителството и судиите.
„Капацитет значи постои за да се утврдат фактите и да се утврди одговорноста, дури и криминалната. Имаат алатки да го направат. Значи политиката и политичарите и бизнис интересите треба да ги тргнат рацете и да им дозволат на професионалците да си ја завршат работата. Секој граѓанин на државава има право да го очекува тоа, и ние како Унија го очекуваме тоа од една земја кандидат“,
рече евроамбасадорот Гир во гостувањето на ТВ Сител.