Ова е петти случај на апсење лице кое предизвикало пожар во земјава по најавите дека полицијата ќе преземе строги мерки за сторителите
57-годишен маж од Прилеп доби кривична пријава од Основното јавно обвинителство Кичево поради постоење на сомнеж дека сторил кривично дело – предизвикување шумски пожар. Пријавенитот, како што се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи, во повеќе наврати предизвикувал пожари на територијата на Општина Македонски Брод. Лицето било затекнато на местото на настанување на пожар и при преглед биле пронајдени предмети со кои ги предизвикал пожарите. Откако бил извршен службен разговор, лицето ги признало делата.
„Пријавениот Д. Т. (57) од Прилеп, во повеќе наврати, на 15.07.2024, на 30.07.2024, 02.08.2024, на 05.08.2024 и на 07.08.2024 во атарите на с. Слатина и с. Грешница, општина Македонски Брод, предизвикувал пожар на отворен простор, кој се проширувал и настанувале пожари на поголема површина, каде гореле трева и нискостеблести растенија“,
се вели во соопштението на МВР.
Изминатите денови, полицијата информира дека се пронајдени и уапсени повеќе лица кои се сомничат дека предизвикале шумски пожари. Вчера беше уапсен жител на Општина Чашка, додека, пак, минатата недела, од слобода беа лишени лица кои предизивкале пожар во Прилепско, Радовишко и во Светиниколско.
Апсењата се случуваат во период кога земјава се соочува со една од најтешките сезони кога станува збор за шумски пожари. Само во текот на вчерашниот ден било пријавено дека има околу 40 пожари, од кои активни биле девет.