Од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарот кај селото Брезница се проширил и кон ловиштето „Јасен“, а од утринава нов пожар е пријавен кај планината Галичица
Само во текот на вчерашниот ден имало вкупно 40 пожари низ целата територија на земјава, соопшти првиот човек на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Најсериозен е оној на територија на Општина Македонски Брод, кај селата Тажево и Брезница, каде што пожарникарите веќе дваесет дена не можат да ги скротат пламените јазици. Ангелов информира дека пожарот навлегол и во ловиштето „Јасен“ каде што гори борова шума. На терен покрај противпожарните екипи од нашата земја и армијата, присутни се и околу триесетина припадници на унгарски тим пожарникари.
Директорот Ангелов синоќа заедно со унгарскиот амбасадор во земјава Андраш Клајн ги посети унгарските противпожарни единици кои заедно со своите македонски колеги успеаја да го одбранат селото Брезница оти, како што рече, постоеше опасност пожарот да навлезе во селските куќи.
„Едниот крак од пожарот се движи во насока на викенд населбата на езерото Козјак но од тие причини овие два дена ги фокусиравме пожарникарите кои дојдоа за помош од Унгарија да изработат противпожарен појас над оваа викенд населба. За жал еден крај од овој појас успеа да влезе во ловиштето Јасен иако претходно повеќе од 15 дена не дозволуваа овој пожар да навлезе на теренот на ловиштето. Гаснењето ќе продолжи и денеска, наша основна цел е заштита на објектите, пред се на викенд населбата на езерото Козјак но и да го стопираме неговото движење во насока на ловиштето Јасен“,
изјави синоќа Ангелов.
Ангелов во синоќешната изјава рече и дека тешко е објасниво како за само еден ден избувнале 40 нови пожари и дека се сомнева дека голем дел од пожарите се подметнати оти, како што рече, „не е нормално во еден ден да се има 35 до 40 пожари“.
Во моментов на територија на Македонија се активни девет пожари од кои два се на територија на Општина Македонски Брод, по еден во Демир Хисар, Чашка, Петровец, Студеничани, Кичево, Дебар и Галичица.
Под контрола се шест пожари, а целосно изгаснати се 25 жаришта.