Осомничениот, како што велат од Обвинителството, вчера во раните утрински часови го предизвикал пожарот во објектите што биле во сопственост на неговата сопруга со која водел бракоразводна постапка

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе постапка и бара притвор за осомничен што вчера предизвикал пожар во куќа што се наоѓа во селото Катланово и во стан во зграда во Скопје.
Осомничениот, како што велат од Обвинителството, вчера во раните утрински часови ги предизвикал пожарите во објектите што биле во сопственост на неговата сопруга со која водел бракоразводна постапка.
Еден ден претходно осомничениот им се заканувал на сопругата и на нивниот син, а вчера, иако знаел за последиците што може да настанат, со бензин предизвикал пожар пред влезната врата на куќата во Катланово која се користела како викендица. Но, пожарот се проширил и во внатрешноста на куќата.
Од Обвинителството велат дека осомничениот потоа се упатил кон Скопје и на сличен начин предизвикал пожар и пред влезната врата на станот.
Осомничениот, додаваат од ОЈО, откако ги сторил делата, ѝ се јавил на сопругата. Таа веднаш ги известила соседите во зградата кои навреме го изгаснале пожарот и спречиле тој да се прошири кон другите станови во зградата.
Од Обвинителството велат дека јавен обвинител до судија на претходна постапка од скопскиот Кривичен суд бара определување мерка притвор поради тоа што проценил дека околностите под кои е извршено кривичното дело кое му се става на товар на осомничениот се одликуваат со изразита пресметаност и висок степен на кривична одговорност, како и дека постои реална опасност од бегство.
Како што пренесуваат дел од медиумите, осомничениот за кој е поведена постапката и за кого се бара притвор е зет на покојниот водител Зоран Василевски, попознат како Зоки Фаци. За случајот вчера, преку објава на својот фејсбук-профил, алармираше и јутјуберот Стефан Лазаров.