„Погледнете каде сме, погледнете колку сме! Вашиот глас се брои! Заедно да ја разбудиме Србија! Да истраеме во борбата за студентите, земјоделците, просветните работници, адвокатите, фармацевтите, лекарите, актерите, уметниците, новинарите, инженерите, за сите животи што ги загубивме и за оние што ќе ги изгубевме ако продолжевме да ги слушаме. Ноќта е најтемна пред зори“, порача студентка во говорот
Стотина илјади граѓани се собраа на студентските протести во Белград кои официјално почнаа во 16 часот. Колони луѓе се собрани пред Народното собрание , но и пред плоштадот Славија, каде на поставена бина се обратија десетина студенти кои испратија емотивни пораки со надеж за промени. Тие порачаа дека долго време молчеле за сите неправди и ги повикаа сите граѓани да им се придружат на барањата за подобра иднина.
„Погледнете каде сме, погледнете колку сме! Вашиот глас се брои! Заедно да ја разбудиме Србија! Да истраеме во борбата за студентите, земјоделците, просветните работници, адвокатите, фармацевтите, лекарите, актерите, уметниците, новинарите, инженерите, за сите животи што ги загубивме и за оние што ќе ги изгубевме ако продолжевме да ги слушаме. Ноќта е најтемна пред зори. Се додека не се исполнат барањата!“,
порача една студентка во својот говор.

Дел од студентите во своите говори ги повикаа институциите да бидат независни и порачаа дека целта на студентската борба не е деструктивна.
„Се случуваат сериозни промени, ќе изградиме систем. Наместо хаос, избираме мудрост, не сакаме да уништуваме туку да градиме“,
порача студентка.

Протестите, како што пренесуваат српските медиуми засега се генерално мирни и без посериозни инциденти.
Полицијата пред почетокот на протестот соопшти дека уапсила 13 лица во инцидентите во текот на ноќта и рано утринава, меѓу кои и тројца мажи по нападот врз тракторите на земјоделците кои се за поддршка на Вучиќ, паркирани околу Пионирскиот парк, каде што кампуваат поддржувачите на владата.
Околу 19 часот според најавите ќе се одржи 15 минути молк за 15-те загинати при уривањето на настрешницата на железничка станица во Нови Сад лани на 1 ноември, а според најавите протестот ќе заврши околу 21 часот.