Одбележувањето во Скопје го организираа Амбасадата на Украина и Здружението на Украинци „Лесја Украинка“, а пред „Алеја на Украина“ беше поставена и изложба со цртежи од украински деца насловена „Децата на војната“

Со марш, кој започна од споменикот „Тарас Шевченко“ во паркот „Жена борец“, а заврши со интонирање на украинската химна пред „Алеја на Украина“, денеска во Скопје беше одбележан Денот на независноста на Украина.
Одбележувањето во Скопје го организираа Амбасадата на Украина и Здружението на Украинци „Лесја Украинка“.
Пред „Алеја на Украина“ обраќање имаше украинската амбасадорка Лариса Дир, која се заблагодари за помошта што Северна Македонија ја дава за Украина и додаде дека Украинците го бранат своето право на живот, суверенитет, територијален интегритет, како и универзалните човечки вредности.
На одбележувањето пред „Алеја на Украина“ обраќање имаа и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, и претседателот на Здружението на Украинците „Лесја Украинка“ Олександр Урбанович.
По повод Денот на независноста на Украина беше поставена и изложба со цртежи од украински деца насловена „Децата на војната“, а чии мотиви беа за запирање на војната.

Денот на независноста на Украина, втора година по ред се слави во услови на војна од големи размери на Русија против Украина.
„Руските трупи започнаа инвазија врз Украина од земја, воздух и море на 24 февруари минатата година и се уште трае. Овој напад е окарактеризиран како најголемата агресија од една држава врз друга во Европа од крајот на Втората светска војна“,
е наведено во најавата за одбележувањето.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во денешната честитка за 32-годишнина од независноста на Украина, објавена на неговиот фејсбук-профил, вели дека на денеска е празник на слободните и на силните луѓе.
„Празник на луѓето со достоинство. Празник на еднаквите. Украински мажи и жени. Сите тие. Во целата наша држава. Ова е вредност за секој од нас. И за ова се бориме. И сите се важни во оваа борба. Затоа што ова е борба за нешто што е важно за секого. Независна Украина“,
пишува Зеленски.