Не зборуваме за предмет на хартија, туку за 63 изгубени животи. Денес сме пред УЈП да прашаме јасно – до каде е постапката и кога ќе започне судењето? Кој ќе одговара и кога, порачаа родителите на загинатите во „Пулс“
Ова не е само марш на тага и барање правда, ова е марш на љубов, достоинство и непокорна истрајност, чекориме затоа што не прифаќаме молк, чекориме затоа што нашите деца заслужуваат вистинска правда – порачаа родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“. Четириесет и првиот „Марш на ангелите“ се одржа во Штип, од каде што беа испратени пораки за правда и одговорност.
Маршот започна во 16:05 часот од плоштадот „Слобода“ во Штип.

Семејствата и блиските на жртвите во „Пулс“ поминаа покрај зградата на Судот и Јавното обвинителство, а пред Секторот за внатрешни работи – Штип прашаа зошто Планот за акциска контрола во „Пулс“ не бил потпишан и одобрен навремено, а не биле ниту преземени мерки што можеле да спречат трагедијата.
„Денес јавно прашуваме: зошто се одолговлекувало? Кој дозволил да се чека? Кој премолчел? Кој не постапил? Требаше ли ова да заврши со 63 човечки жртви и стотици повредени за институциите конечно да се разбудат? Требаше ли да изгубиме 63 деца, браќа, сестри, сопрузи, родители и пријатели за некој да сфати дека пропустите убиваат? Многу работи допрва ќе излезат на виделина, но за жал предоцна“,
порача Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунов.

Поворката помина и покрај зградата на регионалната подружница во Штип, од каде што порачаа дека немаат одговори до каде е постапката за инспекторите на УЈП.
„Поминаа месеци откога беа најавени кривични пријави против службени лица од УЈП, инспекторатите и други одговорни лица. Оттогаш молк. За нас секој ден без одговор е нова болка. Не зборуваме за предмет на хартија, туку за 63 изгубени животи. Денес сме пред УЈП да прашаме јасно – до каде е постапката и кога ќе започне судењето? Кој ќе одговара и кога? Не бараме изговори и одложувања, бараме одговори, бараме правда!“,
рече Наталија Таневска, мајка на починатиот Дамјан Таневски.

Од Здружението на граѓани „16 март“ најавија дека ќе продолжат со организирање маршеви во Кочани, но и во другите градови од каде што се жртвите во „Пулс“.
