Марјан Стаменковски, сопственик на порталот „Доказ“, ноќеска од притвор е пренесен во болница, јави „Макфакс“.
Директорот на затвор „Скопје“, Филип Андов, изјавил дека Стаменковски е однесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Toj вели дека Стаменковски се пожалил на тегоби, а согласно протоколот, од затворот била повикана Брза помош, која, пак, проценила дека притвореникот треба да се однесе во болница.
Стаменковски е во притвор по обвиението против него за серија кривични дела, од кои две за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, и по едно уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.
Кривичните пријави му ги поднесоа лица кои биле жртви на текстовите објавени на неговиот портал, преку кои се ширела омраза, ксенофибичен и расистички материјал, како и лице кое било уценувано да му даде пари или, во спротивно, ќе објави информации со кои ќе му го наруши угледот.
Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом имаше претрес и беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, како и поголема сума пари. Надлежните се сомневаат дека може да се пронајдат докази и за други кривични дела, па не се исклучува можноста да има продолжение на овој случај.
*ПОВРЗАНА ВЕСТ: Марјан Стаменковски од „Доказ“ не признава вина, одбраната вели дека тоа што го прави е само вербален деликт