Овој процес, посочи вицепремиерот за европски прашања, е од интерес на државата и рече оти е убеден дека и во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе кои го разбираат ова многу добро и кои нема да дозволат да бидат заложници на некаква антиевропска политика
„Дури и ако имаат аргументи против, дајте да ги соочиме на маса“, порача Маричиќ
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ смета дека навистина би било жално ако ВМРО-ДПМНЕ не учествува во разговорите за уставните измени кои се услов за продолжување на пристапните преговори со Европската Унија, откако од опозициската партија веќе соопштија дека нема да бидат дел од работната група за подготовка на амандманите за уставни измени.

Сепак, како што истакна денеска вицепремиерот, вратата за најголемата опозициска партија останува отворена за нивно приклучување во која било фаза.
„Навистина жалосно би било ако не учествува ВМРО-ДПМНЕ. Јас реков дека ја пропуштија шансата при нашиот влез во НАТО и дека не треба да ја пропуштат сега шансата кога се работи за членството во Европската Унија. Ние ќе испратиме и официјална покана иако јавно ја упативме и сметаме дека од дијалог и од разговор не може да има штета“,
рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање по денешното потпишување на договорот за грант од ЕУ за пречистителна станица во Скопје.
Овој процес, посочи Маричиќ, е од интерес на државата и рече оти е убеден дека и во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе кои го разбираат ова многу добро и кои нема да дозволат да бидат заложници на некаква антиевропска политика.
„Ние не го отвораме овој процес затоа што тоа е од интерес само на Владата или на кој било еден политичар. Овој процес е од интерес на државата и на граѓаните и ние треба да го комплетираме заеднички. Одговорноста ја носи секоја политичка партија и секој политичар, но јас сум убеден дека и во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе кои го разбираат ова многу добро и кои нема да дозволат да бидат заложници на некаква антиевропска политика. Би било тоа лошо за дражавата и би било лошо за најголемата опозициска партија. Ние како Влада сме должни да разговараме, должни сме да упатуваме повици и тоа ќе го породолжиме и понатаму“,
рече вицепремиерот за европски прашања.
Маричиќ истакна дека разговорите за уставните измени допрва следуваат и оти не гледа причина најголемата опозициска партија да не учествува во нив, па дури и ако се против.
„Дури и ако имаат аргументи против, дајте да ги соочиме на маса“,
порача Маричиќ.
Тој изрази надеж дека за разлика од атмосферата која доминираше во Собранието минатото лето кога се водеше дебата за францускиот предлог, овој пат ќе има сериозен разговор.
„Исто изразив жалење и во Собранието бидејќи атмосферата кога се дискутираа овие прашања и францускиот предлог беа такви да не дозволуваа да има сериозна дискусија бидејќи се свиреше со сирени и вувузели. Се надевам дека овој пат ќе имаме можност за сериозен разговор бидејќи од нас тоа го очекуваат граѓаните. Ние си ја креираме нашата иднина, ние си го креираме нашиот пат кон Европската Унија и доколку сами решиме да влеземе во тунел од кој нема излезеили во ќорсокак, тоа ќе биде наша одговорност и нас граѓаните ќе не прашаат што правевте 10 години, 15 години, зошто ги оставивте овие проблеми да се таложат, а нашата позиција да се влошува“,
истакна вицепремиерот за европски прашања.
Тема која е актуелна во моментов, рече Маричиќ, е како сега од оваа точка каде што сме денес да не ги повториме грешките од минатото и како сега да ги совладаме пречките, затоа што е очигледно дека е зголемен интересот на Европската Унија за регионот на Западен Балкан.
„Ние како Влада стоиме на располагање и уште еднаш апелирам до опозицијата да се вклучи во разговор. Не мора да се согласиме со сè, но во интерес на граѓаните е да разговараме“,
порача уште еднаш Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања во понеделникот, во гостување во емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма рече дека деновиве Владата до сите политички партии ќе испрати писма преку кои ќе им побара да номинираат експерти во кои тие веруваат, за да бидат дел од групата за уставните измени со кои Бугарите и други заедници ќе се вметнат во Уставот.
Тој во оваа пригода посочи и дека Владата е подготвена опозицијата да ги формулира уставните амандмани, како што тие мислат дека треба во согласност со преговарачката рамка, за да стекнат доверба во процесот дека нема ништо тајно.
Но, уште следниот ден опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја отфрли идејата на власта.
Портпаролката на партијата, Марија Митева, која е и член на Извршниот комитет, вчера порача дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е оти уставни измени нема да се случат во овој парламентарен состав.