Новиот министер за правда Бојан Маричиќ при денешното примопредавање на функцијата од досегашната министерка Рената Дескоска најави крупни реформски потфати во првите сто дена од својот мандат за ефикасно и објективно прочистување и деполитизација на судството и обвинителството.

Моделот за тоа, како што рече новиот министер, ќе биде утврден во соработка со европските партнери и сите засегнати страни.
Најави и ЕУ мониторинг на судските предмети на висока корупција, како гаранција за фер и непристрасно судење и ефикасен судски процес, како и законски обврски со кои Јавното обвинителство ќе биде должно редовно, континуирано и јавно да информира за напредокот по предметите кои ги следат граѓаните.
Како планирани чекори, Маричиќ ги спомена и финансиската поддршка за зголемување на бројот на стручни соработници за секој судија и јавен обвинител и ефикасна и ефективна судска и јавно-обвинителска администрација, намалување на судската такса, како и надградба на АКМИС-системот каде што комуникацијата со сите странки ќе се одвива и електронски со што ќе се олесни пристапот до судската власт.
За да се спречат можности за злоупотреба, со Закон за управување со движењето на предметите во Јавното обвинителство ќе се уреди распределбата на предметите во обвинителството, кој ќе биде по случаен избор. Ќе се воведе и нов модел во однос на системот на судии-поротници. Маричиќ ги најави и електронските алки за лица во куќен притвор и оние со изречена казна куќен затвор.
Бојан Маричиќ, кој од денеска е прв човек во Министерството за правда, досега беше национален координатор за европски интеграции во Владата на Република Северна Македонија. По вокација е правник и има две магистратури – меѓународно и европско право на Универзитетот во Амстердам – Холандија во 2009 година, и магистратура по современи европски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон, Велика Британија во 2011 година.