Добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ е голем политички предизвик, но вистинската работа и задачите започнуваат по отворањето на преговорите, смета поранешниот хрватски преговарач, експертот Владимир Дробњак, додавајќи оти е невозможно да се процени колку ќе трае преговарачкиот процес за Северна Македонија
Вицепремиерот Маричиќ истакна дека почнуваме сложен процес на промени, а во таа насока кажа дека експертизата на Дробњак ќе придонесе во овој, како што кажа, клучен момент кога се подготвуваме за најважната и најтешка фаза од евроинтеграцискиот процес, а тоа се преговорите
Еден ден откако Владата ја претстави структурата за преговорите на земјава со ЕУ, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ одржа координативен состанок со поранешниот хрватски преговарач, експертот Владимир Дробњак. На состанокот присуствуваа и министрите задолжени за кластерите и Работната комисија за евроинтеграции со државните секретари на институциите.
Според Маричиќ, искуството и знаењето кое го има поранешниот хрватски преговарач Дробњак ќе биде од корист за земјава и ќе ни помогне полесно да ги надминеме предизвиците со кои, како што рече, ќе се соочиме во текот на преговорите.
„За секоја земја добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ е голем политички предизвик, но вистинската работа и задачите започнуваат по отворањето на преговорите“,
рече Дробњак, додавајќи дека е невозможно да се процени колку ќе трае преговарачкиот процес за Северна Македонија.
Маричиќ истакна дека почнуваме сложен процес на промени, а во таа насока кажа дека експертизата на Дробњак ќе придонесе во овој, како што кажа, клучен момент кога се подготвуваме за најважната и најтешка фаза од евроинтеграцискиот процес, а тоа се преговорите.
Дробњак пред македонските министри и државни секретари низ дискусија ги посочи предизвиците со кои Северна Македонија може да се соочи, земајќи ги предвид искуствата на Хрватска во овој дел.
„Преговорите се отворени и мора да го трчате овој маратон одговорно“,
рече Дробњак, додавајќи дека имаме предности во однос на другите земји компаративно и дека Северна Македонија може да смета на поддршката од Хрватска и понатаму во целокупниот процес.
Вицепремиерот Маричиќ и поранешниот хрватски преговарач Дробњак, како што се наведува, се согласија дека Северна Македонија влегува во нова димензија на евроинтеграциите и дека ова ќе биде комплексен процес, во кој мора да бидеме активни и да работиме на реформите.
Искуството на Хрватска во процесот на пристапување, новата методологија и преговарачка рамка и процедурите за преговори, Дробњак ќе го претстави и пред раководната структура на Секретаријатот за европски прашања.
На покана на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, од денеска во дводневна посета на Скопје ќе престојува поранешниот преговарач на Хрватска со Европската Унија, Владимир Дробњак кој ќе ги пренесе преговарачките искуства на Хрватска со ЕУ низ низа состаноци кои ќе ги одржи денеска и утре со членовите на телата од преговарачката структура.