Завршување на преговорите до 2030 година е целта што ја имаме поставено. Таа е реална и достижна, и јас сум силно убеден дека во следното проширување на Унијата ќе биде и Северна Македонија, смета премиерот Ковачевски
Со денешната одлука на Владата за ревизија на координативниот механизам за пристапни преговори, се одлучуваме за нова структура која го поедноставува механизмот и, воедно, ќе го направи хиерархиски и командно пофункционален, поефикасен и поефективен, вели Маричиќ
Владата донесе одлука за воспоставување структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ, информира денеска на прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски.
Главен преговарач ќе биде вицепремиерот Бојан Маричиќ, а во тимот ќе учествуваат и домашни експерти, државни службеници и стручни лица надвор од институциите, како и странски експерти.
„Особено сум горд што дојдовме до моментот кога почнуваме да зборуваме за техничките елементи врзани со преговорите со ЕУ. На 19 јули, кога ги отпочнавме преговорите, свртевме нова страница во македонската историја. Покажавме дека знаеме да се однесуваме државнички и храбро да носиме државнички одлуки, бидејќи така се трасира патот за понатамошен развој и на економски и на општествен план. Со одржувањето на првата Меѓувладина конференција направивме историски чекор во стратешка смисла, ја повторивме нашата заложба за полноправно членство во Унијата и со тоа ги потврдивме европските вредности за кои се залагаме“,
нагласи Ковачевски.
Според него, со официјалното почнување на преговорите наметната е и потребата што поскоро да се направи концепт за преговарачката структура, согласно новата методологија за водење на преговорите за пристапување во ЕУ.
„Нашата заложба и намера е да обезбедиме квалитетна и ефикасна структура која ќе може да се носи со сите предизвици“,
додаде тој.
Премиерот Ковачевски најави дека целиот процес ќе биде инклузивен и транспарентен процес и упати апел за општествен консензус за постигнување на напредок кон ЕУ, како и повик до опозицијата да учествува, да го поддржи и помогне процесот.
Ковачевски вели дека како Влада се посветени на европските реформи и што поскоро вградување на европските закони и стандарди во нашиот систем.
„Тоа е основата за ефикасно воден процес на интеграција и преговори за членство со најдобри можни исходи. Тука, би сакал да потенцирам дека преведувањето на законодавството на ЕУ чие прифаќање и усогласување е еден од инструментите за успешна интеграција е во тек, и дека ние вложуваме и ќе продолжиме да вложуваме интензивно во преводите на европското законодавство на македонски јазик“,
додаде Ковачевски.
Според него, завршување на преговорите до 2030 година е целта која ја имаат поставено.
„Таа е реална и достижна, и јас сум силно убеден дека во следното проширување на Унијата ќе биде и Северна Македонија. Ќе работиме посветено за нашата земја да биде еднаква со сите други земји-членки, да учествува во креирањето на политиките на Европската Унија, секако со заштита на нашите државни интереси“,
нагласи премиерот.
Клучна алка што ќе обезбеди координација и поддршка на сите реформи
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека според него ова е клучната алка која ќе обезбеди координација и поддршка на сите реформи поврзани со евроинтегративниот процес и имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација (која останува во сила се до потпишувањето на пристапниот договор за членство во Унијата).
Со денешната одлука на Владата за ревизија на координативниот механизам за пристапни преговори, се одлучуваме за нова структура која го поедноставува механизмот, и воедно ќе го направи хиерархиски и командно пофункционален, поефикасен и поефективен.
„Заради зголемена ефикасност на функцијата при водењето на преговорите, се воспоставува „главен преговарач“, функција која ќе ја извршам јас, како Заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, а која ги спојува и политичките и техничките елементи од преговорите. За да се обезбеди хиерархиска и командна конзистентност ќе има позиција „Заменик на главниот преговарач“, функција која ја врши државниот секретар за европски прашања, кој воедно е и претседавач на Комитетот за стабилизација и асоцијација, Дрита Абдиу Халили“,
рече Маричиќ.
Тој додаде дека телата коишто се предвидени со Одлуките од 2019 година остануваат, односно Комитетот за преговори, претседаван од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, а во кое тело членуваат четирите вицепремиери, министерот за надворешни работи и финансии.
Исто така, Маричиќ рече дека останува и државната делегација за преговори, која ќе ја предводи министерот за надворешни работи Бујар Османи, а во неа членуваат главниот преговарач, заменикот на главниот преговарач и шефот на мисијата при ЕУ. Истата ќе ги презентира официјалните преговарачки позиции на Меѓувладините конференции.
Групата за преговори, додава Маричиќ, е стручно тело на Владата за координација со институциите и подготовка на предлог-преговарачките позиции, помошно тело на главниот преговарач, а во неа членуваат и заменикот на главниот преговарач, членови задолжени за одредени кластери, области и поглавја од преговорите.
„Како дел од групата за преговори, меѓу другото, се воведуваат и три нови позиции и тоа главниот економист ќе врши хоризонтална координација на економските политики и соодветните поглавја поврзани со нив, следењето и координацијата на сите акти од правен аспект како и оформување на содржината на нацрт пристапниот договор ќе го врши главниот правник, а главниот антикорупционер ќе врши хоризонтална координација на сите политики во борбата против корупцијата и спречувањето на судирот на интереси“,
рече Маричиќ.
Вицепремиерот објасни дека работниот комитет за европска интеграција го сочинуваат претседател – главниот преговарач, неговиот заменик, државните секретари на сите институции, генералниот секретар на Владата, секретарот на Секретаријатот на законодавство, како и членовите на групата за преговори.
„Ова тело ќе го следи спроведувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и ќе ги координира активностите поврзани со пристапните преговори. Покрај државните секретари на сите институции ќе го дополниме и со членовите на групата за преговори“,
рече Маричиќ.
Работните групи за пристапни преговори, додаде тој, сега се организирани според новата методологија за преговори, по Кластери, по области и по поглавја и истите ќе учествуваат во подготовка на анализи за степенот на усогласеност на националното законодавство со правото на Унијата и подготовка на нацрт-преговарачки позиции.
СЕП ќе биде депозитар на целокупната документација поврзана со пристапните преговори
„Единствен секретаријат на преговарачкиот процес е Секретаријатот за европски прашања со оглед на тоа што надлежностите и улогата на СЕП вклучително и за координација на целокупниот процес на пристапни преговори е регулирана во Законот за Владата. СЕП ќе биде и депозитар на целокупната документација поврзана со пристапните преговори“,
додаде вицепремиерот и нагласи дека СЕП презема надлежност и во подготовката на потребните правни акти со кои ќе се дефинираат процедурите на работење на телата.
Заради важноста и улогата на Собранието во процесот на донесување на законските прописи – неговата улога во пристапните преговори, Маричиќ вели дека ќе се дефинира со меѓусебно договорен акт, пред се со Комисијата за европски прашања и Националниот совет за европска интеграција.
Дополнително, според него, ќе биде дефиниран механизам за утврдување на начинот и динамиката на информирање на Претседателот на Северна Македонија за пристапните преговори.
„Целта која си ја зададовме е – завршување на преговорите до крајот на оваа декада и членство во Унијата до 2030. Нашата иднина е во ЕУ, и затоа потребно е преку максимална посветеност и ангажираност, да се вклучиме, да ја искористиме шансата која е пред нас, и со брзи чекор и самоуверено да одиме напред кон полноправното членство во ЕУ. Следува динамичен период за институциите и администрацијата, каде имаме за адресирање многубројни аспекти во 6 кластери, 3 области и 33 преговарачки поглавја“,
нагласи вицепремиерот Маричиќ додавајќи дека околу таа визија и оваа стратегиска цел мора да се обединат сите, вклучувајќи ги и опозициските партии.