„360 степени“ вчера извести дека скопското обвинителство презема предистражни дејствија со цел да ги провери основите на сомнение за сторено кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик
Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска на завршната конференција на проектот „За правда – следење на спроведувањето на Стратегијата за реформи во правосудството 2020-2021“ рече дека е исклучително задоволен и горд за позитивниот епилог од случајот со Сашо Мијалков.
„Попусто би говореле за реформи и законски измени доколку му го вртиме грбот на она што се случува на терен. Иако не се под директна надлежност на Министерството за правда, силно сум засегнат од последните случувања изминативе денови кои ја разбрануваа јавноста и за момент ја поткопаа довербата во институциите. Морам да истакнам дека сум исклучително задоволен и горд што настанот имаше свој позитивен епилог, и добро е што посебен обвинител, назначен од државниот јавен обвинител, ќе испита дали, кој и во кој дел потфрлил во однос на наводите дека одредено лице се подготвува за бегство“,
истакна Маричиќ.
Тој нагласи дека е поборник на ставот дека со конкретна акција и одговорност може да има враќање на кредибилитетот и довербата во институциите.
„Нашиот систем, нашите институции секогаш се тестирани на конкретни случаи и затоа на овие конкретни случаи државата ќе треба да се издигне да се развие за да се покаже како треба и како може да функционира“,
порача министерот Маричиќ.
„360 степени“ вчера извести дека скопското обвинителство презема предистражни дејствија со цел да ги провери основите на сомнение за сторено кривично дело помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик.
Тие издале наредби до МВР со обврска полицијата да им достави видеозаписи од безбедносните камери од повеќе локации, но и листинзи од повеќе телефонски броеви и други податоци од важност за предистражната постапка.