Победникот сѐ уште не е познат во пет држави, Пенсилванија (со 20 електорски гласа), Џорџија (16), Северна Каролина (15), Невада (6) и Алјаска (3)
Бајден досега има освоено 253, а Трамп 213 електорски гласа, од потребните најмалку 270
Локалните медиуми во Аризона и Мичиген објавија дека пред центрите за броење се собираат поддржувачи на Трамп кои бараат да запре броењето, а некои се и вооружени
Кандидатот на Демократската партија, Џозеф Бајден, е поблиску до победа на претседателските избори во САД во споредба со актуелниот претседател и републикански кандидат Доналд Трамп, покажуваат резултатите од освоените електорски гласови.
Бајден води со 253 спрема 213 гласа во Изборниот колеџ, а за победа се потребни 270.
Синоќа Бајден го освои Мичиген, нова клучна федерална држава, а води во Ариозна и во Невада, кои можат да му ја донесат победата.
Во Аризона, Бајден води со околу 64 000 гласа, а досега се изброени 84 отсто. Тука, пак, Трамп му се приближува на противкандидатот.
Бајден е во водство и во Невада, каде што се преброени 86 отсто од гласовите.
Според податоците што ги објавуваат американските медиуми, се топи предноста на Трамп и во Пенсилванија, која исто така е една од клучните држави. Таму вчера предноста на Трамп беше 600 000 гласа, а сега, на преброени 89 отсто, таа е 150 000 гласа и остануваат да се пребројат уште нешто повеќе од половина милион гласа.
Во Џорџија, исто така, предноста на Трамп е само 23 000 гласа на изброени 95 отсто, и остануваат да се пребројат уште околу 40 000 гласа.
Во Северна Каролина, откако беа обработени 94 проценти од гласовите, Трамп има 50,1 процент, а Бајден 48,7 проценти.
Алјаска е традиционално упориште на републиканците, а победата на Трамп во таа држава не е доведена во прашање.
Победникот сѐ уште не е познат во пет држави, Пенсилванија (со 20 електорски гласа), Џорџија (16), Северна Каролина (15), Невада (6) и Алјаска (3).
Аризона и Џорџија соопштија дека броењето на гласовите ќе продолжи и во текот на ноќта.
Поддржувачи на Трамп се собираат пред центрите за броење
Поддржувачи на американскиот претседател Трамп, од кои некои се вооружени, се собираат пред центрите за броење на избирачките ливчиња за претседателските избори.
Во некои држави, каде што води актуелниот американски претедател, демонстрантите бараат да се стави крај на броењето, а во други, каде што заостанува – да продолжи.
Во округот Марикопа, Аризона, вооружени лица влегоа во изборен центар, додека демонстрантите се собираа надвор. Локалните медиуми јавија дека некои од демонстрантите биле вооружени.
Тие носат пароли со обвинувања за изборни измами.
Поддржувачите на Трамп се собраа и пред центарот за броење во Мичиген. Тие бараат да запре броењето.
Приврзаниците на Трамп од крајно десничарската организација „Стоп за крадењето“ се судрија со демонстрантите од „Број ги гласовите“ пред округот Кларк, Лас Вегас.
Според американските медиуми, ситуацијата е слична на онаа во 2000 година, кога на Флорида беа организирани демонстрации за да се запре пребројувањето на гласачките ливчиња на претседателските избори меѓу Ал Гор и Џорџ В. Буш.
Мирни протести беа организирани и во другите градови низ земјата, со барање за пребројување на сите гласови.
Полицијата опколи демонстранти кои учествуваат на маршот во Минеаполис, додека во Портланд, Орегон, има и уапсени.
„Њујорк тајмс“ пишува дека Министерството за правда на САД им соопштило на федералните обвинители дека законот ѝ дозволува на владата да испраќа вооружени полицајци во центрите за броење.
Мичиген, Висконсин и Пенсилванија беа клучни држави на претходните избори во 2016 година. Во секоја од нив, Трамп ја победи демократската кандидатка Хилари Клинтон за помалку од еден процент.
Бајден досега победи во 22 од 50 сојузни држави и дистриктот Колумбија. Тој доби повеќе од 71 милион гласа – најмногу во историјата на претседателските избори во САД.
Трамп ги обвини демократите за кражба на изборите, без да наведе докази и најави дека резултатите ќе бидат оспорени пред Врховниот суд на САД.
Изборниот штаб на Трамп веќе почна да го спроведува она што го предлага американскиот претседател со недели, дека тој ќе го доведе во прашање интегритетот на изборниот процес во оние сојузни држави кои можат решително да влијаат на неговиот пораз на изборите.
Правниот тим на американскиот претседател поднесе тужби против изборниот процес во Пенсилванија, Мичиген, Џорџија и Невада, барајќи подобар пристап на набљудувачите на Трамп до локациите каде што се бројат гласачките ливчиња и се доведуваат во прашање гласовите добиени по пошта.
Како се движат резултатите во живо, може да следите на интерактивната мапа подолу.