Соопштение од Претседателството на МАНУ
Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) се залага за транспарентно, стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава и, притоа, потенцира дека реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, укажувајќи на научниот факт дека македонскиот народ зборува на македонски јазик, веќе со векови, на територијата на нашата држава и надвор од неа, динамична рамнотежа меѓу математиката, природните и техничките науки, од една страна, и општествените и хуманистичките науки, вклучувајќи ги етиката и моралните вредности, од друга страна и континуиран (на подолг период и без прекин) инклузивен и одржлив економски раст на Македонија, се вели во денешното соопштение од Претседателството на МАНУ.
Притоа, од МАНУ посочуваат на карактеристиките на глобалните реформи на образованието во светот во последните десетина години, како што се:
– стандардизација на образовните системи и ставање акцент врз критериумите со коишто се мерат резултатите и успехот во образованието, при што критериумите за отчетност се базираат врз тестови, што е тесно поврзано со наградувањето и казнувањето на наставниците и училиштата;
– поттикнување на државите да се фокусираат кон наставните програми за математика, природни и технички науки, и кон основна писменост, за сметка на пошироките форми на либерални уметности и прогресивните форми на наставни програми, реализација на наставата и учењето и
– трансформација на образовниот систем заснован врз менаџерски модели увезени од бизнис-секторот, при што моделите се водени од пазарните пристапи кои го привилегираат максимизирањето на ефикасноста, профитот и конкуренцијата, наспроти целите кои го промовираат човековиот развој и зајакнувањето на демократските општествени односи.
Министерката за образование и наука Мила Царовска минатата недела на прес-конференција го најави новиот концепт на основно образование, кој ќе вклучи спојување на повеќе предмети во еден, како што се Историја и Географија, или Биологија и Хемија, е со цел децата да учат помалку факти, а повеќе да размислуваат и да поврзуваат.
Ова предизвика негативни реакции во јавноста, дека се укинуваат предмети, на што МОН појасни дека се работи за целосно нов модел на настава во кој ниту една научна дисциплина нема да се изгуби, туку ќе се смени концептот на кој учениците го изучуваат материјалот.
Премиерот Зоран Заев, денеска говорејќи за приоритетите на Владата следната година, рече дека еден од нив е и реформата во образованието, но истакна дека новите содржини не одат на сметка на постоечките, дека ќе продолжат да се учат сите досегашни предмети, како Историја, Географија, Биологија, Хемија, сѐ што е неопходно за нивните знаења. Најави дебата за предложените реформи и ќе се избере најдобриот модел, кој ќе може да се имплементира во нашата земја.
За реформите во образованието, во емисијата „360 степени“ во петокот (18 декември) дебатираа министерката за образование и наука Мила Царовска, раководителката на сектор за истражување во Бирото за развој на образованието Ајше Ајрулаи и универзитетската професорка Виолета Петроска-Бешка.