Петковиќ објави дека косовските власти го одбиле неговото барање да го посети Косово викендов за Велигден, каде што требало да присуствува на полноќната литургија во манастирот „Високи Дечани“, на утринската богослужба во манастирот „Грачаница“, а потоа да го посети и манастирот „Драганац“
Властите во Приштина, на чело со Албин Курти, му забраниле на директорот на Канцеларијата за Косово во владата на Србија, Петар Петковиќ, да присуствува во манастирите во Косово за време на празникот Велигден, пренесуваат српските медиуми.
Како што пренесува Радио Слободна Европа на српски јазик, Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово потврдило дека на шефот на Канцеларијата за Косово во владата на Србија, Петар Петковиќ, му била одбиена посетата на Косово, без да се наведе конкретна причина за тоа.

Петковиќ објави дека косовските власти го одбиле неговото барање да го посети Косово викендов за Велигден, каде што требало да присуствува на полноќната литургија во манастирот „Високи Дечани“, на утринската богослужба во манастирот „Грачаница“, а потоа да го посети и манастирот „Драганац“.
„Иако посетата беше исклучиво од верска природа и вклучуваше исклучиво посети на манастири, светилишта на Српската православна црква, во духот на најголемиот празник кај Србите, без никакви политички намери, властите во Приштина без никакво објаснување ја забранија неговата посета“,
се вели во соопштението од канцеларијата на Петковиќ.
Канцеларијата соопшти дека косовскиот премиер Албин Курти повеќе од една година го спречува Петковиќ да ги посети Србите во Косово.
„Овие забрани се без никаква основа, бидејќи претставуваат директно прекршување на договорот за слобода на движење и официјални посети, особено кога се работи за главниот преговарач на српската страна во дијалогот“,
пишува во неговото соопштение.
Косово и претходно ги отфрлаше барањата за посета на Петковиќ, велејќи дека тоа е поради неговите изјави кои ги давал во јавноста, како што посочија оттаму, на провокативен начин.
Во јануари Србија го одби барањето за посета на косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља. Тој планираше да ги посети општините Прешево, Медвеѓа и Бујановац, кои се населени со Албанци.
Прашањето за официјални посети на Косово и Србија е регулирано со договор постигнат во рамките на дијалогот за нормализација на односите, во кој посредува Европската Унија.
Овие посети мора да бидат објавени преку офицерот за врска меѓу Косово и Србија.