Блиндираното возило со парите, кое било испратено од подружницата на НБС во Крагуевац, пристигнало на ГП Јариње околу 11 часот каде што парите во динари требало да ги подигне возилото на британската компанија „Хендерсон“, која има дозвола за превоз на пари и со која НБС соработува со години
Властите во Приштина денеска не дозволиле организирано на територијата на Косово да влезат пари во динари наменети за исплата на плати, пензии, социјални и други исплати на српското население.
Како што соопштила Народната банка на Србија (НБС) за „Косово онлајн“, иако возилото со српски динари било испратено на преминот Јариње, според сите одамна воспоставени и многу прецизни процедури, тоа денеска било вратено од тој премин без никакво образложение.
Блиндираното возило со парите, кое било испратено од подружницата на НБС во Крагуевац, пристигнало на ГП Јариње околу 11 часот каде што парите во динари требало да ги подигне возилото на британската компанија „Хендерсон“, која има дозвола за превоз на пари и со која НБС соработува со години.
Динарите требало да бидат пренесени во трезорот на Народната банка на Србија во Лепосавиќ.
Меѓутоа, како што јави „Косово онлајн“, по неколкучасовно чекање за одобрение од Приштина, дозволата не стигнала и влезот бил забранет.
Ова е прв трансфер на пари во динари по 1 февруари и стапување во сила на уредбата на Централната банка на Косово (ЦБК) за воведување евра и забрана за користење динари.
Регулативата на Централната банка на Косово (ЦБК) предвидува за плаќање да се користат само евра, што значи дека се укинува користењето на српскиот динар. Владата на Косово, пак, најави дека спроведувањето на регулативата за готовинско работење ќе се одвива преку лесна транзиција и дека нема да има казни за поседување валути од други земји.
На оваа одлука на Косово се спротивстави Србија, а меѓународната заедница побара одложување на нејзиното спроведување со образложение дека постои загриженост дека тоа може да има негативно влијание врз косовските Срби.
По многубројните реакции на Србија и на меѓународната заедница, косовскиот премиер Албин Курти синоќа на социјалната мрежа Икс се огласи преку писмо напишано на англиски јазик. Според него, одлуката на ЦКБ е основна одговорност на централните банки, кои имаат за цел да го регулираат приливот на девизи во Косово.
„Отсуството на таква регулатива може да доведе до перење пари, финансирање тероризам и други незаконски активности. Во практична смисла, оваа одлука значи дека плаќањата што ги добиваат косовските Срби сè уште се дозволени, но ќе бидат депонирани на нивните сметки во евра. Се разбира, приватното поседување на странски валути останува дозволено“,
посочува Курти во писмото.
Тој наведува дека речиси 35 отсто од српската заедница во Косово добива пензии од косовската влада на сметки во евра.
„Пензиите што ги добиваат од Србија би можеле да се префрлат на истите тие сметки како дополнување, а не како замена за постојните шеми за бенефиции. Покрај официјалните филијали на банките, има и 15 финансиски институции каде што може да се исплаќаат пензиите од Србија, во отсуство на банкарски сметки“,
наведува Курти.
Најавувајќи дека започнува информативна кампања, чие отсуство доведе до еден од приговорите на меѓународните дипломати, тој посочува и дека „отворањето и одржувањето на нови банкарски сметки во евра ќе биде бесплатно“.
My statement regarding the discussion surrounding the decision of the CBK: I urge all invested in the prosperity of our country to allow for a smooth transition of democratic measures. Additionally, we pledge to increase communication on the current and future issues at stake. pic.twitter.com/JC1dhto7HT
— Albin Kurti (@albinkurti) February 6, 2024