Можеме да кажеме дека во септември ќе имаме целосно функционален систем, и од извршна и од законодавна власт, вели пратеникот и потпретседател на СДСМ
Потпретседателот на СДСМ и пратеник, Дамјан Манчевски, верува дека денеска или утре ќе биде поднесен предлогот за влада и дека брзо ќе биде изгласан новиот кабинет на „Илинденска“, така што најдоцна следната недела земјата би добила функционална извршна власт.
За изборот на собраниските комисии и тела, Манчевски рече дека очекува веќе на следната собраниска седница тие работи да бидат завршени.
„Можеме да кажеме дека во септември ќе имаме целосно функционален систем, и од извршна и од законодавна власт“,
изјави Манчевски.
Во однос на за слабото парламентарно мнозинство и како тоа ќе функционира, Манчевски рече дека тоа не е најбитно затоа што, како што посочи, и претходната влада имала тенко мнозинство, но сепак стигнувало до 80 гласови.
„Битни се политиките и она што го предлагаме и нормално градење на политички консензус околу некои теми, а ако може и околу сите.Умешноста на водењето политика е да се добие што поголема поддршка. Ако нашите предлози се од општа корист за сите граѓани и делови на општеството, не гледам зошто некој би имал против“,
изјави Манечевски.
Тој, исто така, изрази надеж дека влегуваме во еден посмирен политички период, со оглед на тоа што се решени поголемите проблеми и прашања кои предизвикуваа поделби меѓу граѓаните. Сега, како што рече, фокусот е насочен кон секојдневните прашања, каде што не гледа многу простор за жестока дебата.