Тројца малолетници физички нападнале ЛГБТИ-лице по завршување на „Парадата на гордоста“ во Скопје. Од „Скопје прајд 2021“ информираат дека нападот се случил во центарот на градот.
„Иако самиот настан помина во најдобар можен ред, ни се случи несакано дежави во форма на физички напад по завршувањето на ‘Прајдот’. Сторителите се пронајдени. Станува збор за тројца малолетници што нападнаа и му нанесоа повреди на ЛГБТИ-лице во центарот на Скопје и сега ќе се соочат со отежнувачката околност на дело сторено од омраза. Цената на нетолеранцијата кај нас редовно и најмногу ја плаќаат младите, и како жртви и како извршители на кривични дела од омраза, и тоа е една од главните пораки што сакаме да бидат чуени. Не може сеењето омраза да се пакува како вистинска грижа за децата“,
посочуваат од „Скопје прајд“.
Оттаму велат дека поднеле и пријави до МВР поради говор на омраза по основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
„’Прајдот’ е очекувано повод за експлозија од коментари на социјалните мрежи, но тешкото е што тој наратив го живееме секојдневно – изливи на омраза, лажирани факти, понижувања и дехуманизација, и целото насилство кое се изродува од сето ова. Нападот по ‘Прајдот’ беше еден брз ‘reality check’ и тоа додека уште траат моментите на добро исполнет и радосен ден. Отрезнување кон она што сите добро го знаеме, дури и кога инспиративната атмосфера на заедништво и солидарност ќе нѐ направи еуфорични. А тоа е дека борбата е постојана и дека меѓу деновите кога славиме протестирајќи, и понатаму е потребно засолниште за прогонетите, психолошка поддршка на трауматизираните, правна помош, здравствена и социјална грижа и други начини да им се излезе во пресрет на најранливите и помалку привилегираните“,
велат од „Скопје прајд“.