Уапсениот малолетник од прилепското село Сенокос, според МВР, го признал делото, а при претрес на неговиот дом во селото полицијата пронашла и одзела предмети со кои, како што се наведува, било извршено кривичното дело
Две лица, од кои едното малолетно, се приведени во врска со вчерашното убиство на 14-годишно момче во Прилеп кое, според првичните информации, било избодено до смрт со остар предмет.
Осомничените, како што соопшти Министерството за внатрешни работи, биле приведени рано утринава во селото Сенокос во Општина Долнени од страна на полициски службеници од Одделот за внатрешни работи Прилеп.
„Денеска (01.03.2024) во 4 часот во с. Сенокос, општина Долнени, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода малолетник и В.Т. (21), двајцата од с. Сенокос, поради сомнение за сторено кривично дело убиство“,
се наведува во соопштението од МВР.
Осомничен за убиството е уапсениот малолетник, чија возраст не е наведена во соопштението на Министерството.
Тој во службен разговор, според МВР, го признал делото и по целосно документирање на случајот, во координација со јавен обвинител, против него е поднесена кривична пријава за убиство по член 123 од Кривичниот законик.
Полициските екипи од ОВР Прилеп заедно со јавен обвинител извршиле увид на местото на настанот, а по судска наредба бил извршен и претрес во домот на малолетникот во селото Сенокос. Според МВР, при претресот биле пронајдени и одземени предмети со кои било извршено кривичното дело.
Како што информираат од МВР вчера вечер во 19:37 часот во прилепската полиција било пријавено дека на булеварот „Гоце Делчев“ во градот е пронајдено лице со повреди. Тоа било пренесено во локалната болница каде што од страна на лекар била констатирана смрт.
Од градската болница во Прилеп претходно соопштија дека се обиделе да го реанимираат момчето, но безуспешно.
„Во 19:35 часот добивме повик за интервенција на булеварот. Констатиравме дека лицето има повеќе надворешни крвавења, не даваше знаци на живот. Беше пренесено на одделот за анестезија и реанимација при градската болница, но сите обиди за негова реанимација беа безуспешни“,
изјавил за МИА дежурниот лекар при службата за итна медицинска помош во Прилеп.
Основниот јавен обвинител Стевчо Биноски за државната новинска агенција изјави дека според првичните сознанија момчето било нападнато со остар предмет и дека е наредена обдукција на телото.
„Трагичниот настан се случил во периодот од 19 до 20 часот. Според првичните сознанија, момчето било нападнато со остар предмет, сѐ уште не се знае дали од едно или повеќе лица. Било нападнато пред Деветокатницата во центарот на Прилеп. Пронајдено е со многу крвави убодни рани на тротоарот на булеварот ‘Гоце Делчев’. Веројатно се обидело да се оддалечи од местото на нападот. Наредена е обдукција на телото за да се констатираат причините за смртта“,
изјавил јавниот обвинител Биноски.