Полицијата ја испитува можноста убиствата да се поврзани со криминални банди, особено зашто една од жртвите во престрелката веќе ѝ е позната на органите на прогонот
Уапсениот за тројното убиство во вчерашната престрелка во шведскиот град Упсала е помлад од 18 години, соопшти тамошната полиција, пренесува Би-би-си.
Според шведските медиуми, пукањето се случило во фризерски салон што се наоѓа во близина плоштадот „Ваксала“ во центарот на градот.
Вооружениот напаѓач од местото на настанот побегнал со скутер.

Полицијата ја испитува можноста убиствата да се поврзани со криминални банди, особено зашто една од жртвите во престрелката веќе ѝ е позната на органите на прогонот.
Трите жртви, како што пренесуваат шведските медиуми, се на возраст од 15 до 20 години.
Инаку, Шведска изминатите години се соочува со зголемување на малолетничкиот криминал поврзан со криминални банди, кои се обвинети за вандализам, но и за убиства.
Шведската влада најави низа мерки за намалување на малолетничкиот криминал.
Вооружениот инцидент, како што се наведува, се случил во пресрет на пролетниот фестивал „Валпурги“, на кој голем број луѓе се собираат на улиците на Упсала, град кој се наоѓа северно од шведската престолнина Стокхолм и е познат по својот универзитет.