„Традиционалист сум по убедување, имам против истополови бракови, против менување на полот на моја сметка или на сметка на граѓаните, а секој што сака да плати може да стори буквално се со својот живот, но на крајот на денот, во 21 век секој може со сопствениот живот да прави што сака и да го живее како што сака“ – вели Максим Димитриевски во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1
Идејниот творец на политичката партија во најава Движење ЗНАМ – за наша Македонија, Максим Димитриевски, прашан за неговиот став за правата на ЛГБТИ-луѓето со оглед на тоа што идеолошки се декларира за социјалдемократ, вели дека тој лично потекнува од традиционално семејство и дека е традиционалист по убедување. Тоа, додава тој, значи дека за него лично истополови бракови се неприфатливи, а против е и за менување на полот кое би било финансирано од буџетски пари. Но, во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1 Димитриевски вели дека и покрај неговиот традиционален став, сепак во 21. век секој е слободен да прави што сака и да го живее животот како што сака.
„Секој може да прави во својот живот што сака и да живее на начин како што тој ќе определи согласно законот, Уставот и сите правни акти кои се на сила. Јас потекнувам од едно традиционално семејство, за мене такво нешто е страно, сум немал такво искуство, велат луѓето го менуваат својот став или мислење кога тоа ќе го почувствуваат на сопствена кожа“,
рече Димитриевски.
Тој додаде и дека има соработници кои се припадници на ЛГБТИ-заедницата и дека нема негативно мислење за нив како индивидуи, но проблемот, вели, е фактот што “движењето е пренагласено и наметнува одредени ставови и мислења на останатите луѓе кои се хетеросексуалци“.
„Сите оние паради кои се организираат и сите тие организации го пренагласуваат овој проблем, со што само се создава дополнителна фрустрација кај мнозинството за одбивност, бидејки гледаме што се случува во регионот и традиционалните средини како нашата, луѓето се самоорганизираат и паралелно со парадите на гордоста, организираат паради на семејствата“,
вели Димитриевски.