Одговарајќи на новинарски прашања, Димитриевски не прецизираше дали во здружението ќе има членови од СДСМ и рече дека во движењето можат да се вклучат сите кои се залагаат за вистински вредности
Откако вчера во Прилеп го промовираше граѓанското движење „За нашите граѓани“, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, денеска од Куманово, по церемонијата за одбележување на празникот 11 Октомври, порача дека намерата на ова здружение е да учествува на наредните избори.
Одговарајќи на новинарски прашања, Димитриевски не прецизираше дали во здружението ќе има членови од СДСМ и рече дека во движењето можат да се вклучат сите кои се залагаат за вистински вредности.
„Ова не е политичка партија, ова е граѓанско движење, значи ние сме отворени како што реков за сите, сè уште нема видни и истакнати членови, се работи за шпекулации, многупати имам повторено и сега повторно ќе кажам, јас го почитувам Бранко Црвенковски максимално како поранешен претседател на држава, но до овој момент за оваа иницијатива со него немам разговарано, ниту пак тој ми се има обратено да разговараме на оваа тема. Сите се добредојдени со своите иницијативи, со своите заложби, но првенствено во оваа иницијатива ќе дадеме можност на нови луѓе коишто сакаат да ја придвижат државата напред заедно со нас“,
кажа Димитриевски.
Тој рече дека СДСМ не му понудил висока функција по локалните избори.
„Не ми беше понудено да преземам висока функција. Имаше еден службен разговор на слична таква тема, иако не милувам да дискутирам во јавноста за тоа што го говорам на состаноци очи во очи, едноставно мојата обврска е кон граѓаните на општина Куманово, јас добив обврска од сите граѓани, првично неопределени, лево ориентирани и десноориентирани. СДСМ отпочна една постапка за мое исклучување, имаше неколку различни ставови, дали сум исклучен или не, тоа повеќе не е предмет на интерес на јавноста, она што е најбитно е дека здружението ‘За наше Куманово’, мојот тим и луѓето околу мене одиме понатаму да работиме во интерес на граѓаните и дефинитивно ќе се вклучиме во решавање на централните проблеми коишто ги има државата бидејќи гледаме дека оваа власт којашто во моментов менаџира е неспособна да не извади од тешката економска криза и навремено да ги превенира дополнителните кризи и да ги решава секојдневните проблеми на граѓаните“,
рече градоначалникот на Куманово.
Димитриевски вели дека ќе излезе на референдум доколку помине иницијативата на Левица.
„Доколку помине иницијативата за референдум, јас ќе бидам првиот што ќе излезе на референдумот и ќе гласа против францускиот предлог“,
рече Димитиревски.