Францускиот претседател Емануел Макрон повика на „директни разговори“ меѓу Украина и Русија во рамки на 30-дневен прекин на огнот, што од Москва го бараат Европејците, Американците и Украина а германскиот канцелар ја предупреди Русија на сериозни последици доколку го одбие предлогот
Шефот на украинската дипломатија на платформата „Икс“ објави фотографија од телефонски разговор на претседателот на Украина и четирите европски лидери кои денеска во Киев со американскиот претседател Доналд Трамп. Тој појаснува дека разговорот бил насочен кон создавањето услови за траен мир во Украина, нагласувајќи дека Украина и нејзините сојузници се подготвени за целосен безусловен прекин на огнот во рок од најмалку 30 дена, почнувајќи од понеделник.
„Доколку Русија се согласи и се обезбеди ефективен мониторинг, трајниот прекин на огнот и мерките за градење доверба може да го отворат патот кон мировните преговори“,
пишува на својот профил на платформата „Икс“ министерот за надворешни работи на Украина Андреј Сибига.
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на „директни разговори“ меѓу Украина и Русија во рамки на 30-дневен прекин на огнот, што од Москва го бараат Европејците, Американците и Украина.
„Подготвени сме да помогнеме. Но, доколку тоа не се случи и Москва не го прифати прекинот на огнот, ќе има дополнителни, „многу поостри“ санкции“,
рече Макрон.
И германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, ја предупреди Русија на сериозни последици доколку го одбие 30-дневниот прекин на огнот и последователните мировни преговори за запирање на војната.
„Ќе има масивно заострување на санкциите и дополнителна поддршка за Украина, вклучувајќи политичка, финансиска и воена помош“,
изјави Мерц.
Тој истакна дека Соединетите Американски Држави ќе ја поддржат оваа мерка, додавајќи дека трпението на американскиот претседател Доналд Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин се намалува во обидите да се стави крај на повеќегодишната војна.
„Топката сега е кај Путин, и тој треба да одговори на овој предлог“,
нагласи Мерц.
Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер утрово пристигнаа во Киев заедно со полскиот премиер Доналд Туск, за да изразат поддршка на Украина.
Посетата е симболичен одговор на комеморацијата на 80-годишнината од победата над нацистичка Германија, која вчера се одржа на Црвениот плоштад, со учество на рускиот претседател Владимир Путин и дваесетина странски лидери, меѓу кои и кинескиот претседател Си Џинпинг.