„Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот ‘Безбеден град’ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок“, велат од МВР
Министерството за внатрешни работи апелира граѓаните да не наседнуваат на фишинг напади кои во изминатиов период се реализираат преку лажни СМС-пораки, електронска пошта, веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи, а во кои граѓаните се известуваат за наводно сторен сообраќаен прекршок.

„Лажните пораки наводно пристигнуваат од Оддел за моторни возила како известување од системот ‘Безбеден град’ и во истите е наведен лажен линк преку кој се пренасочуваат граѓаните да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок“,
велат од МВР.
Оттаму појаснуваат дека СМС-известувањата што системот „Безбеден град“ ги испраќа до граѓаните за направен сообраќаен прекршок се од испраќач MVR-SC, а во текстот на пораката задолжително е содржана регистарската ознака од возилото кое направило прекршок, како и следниот линк – https://safecountry.mvr.gov.mk.
Од МВР апелираат граѓаните да бидат вниметелни при користење на интернет, да не отвораат сомнителни линкови и пораки, никогаш да не споделуваат лични податоци и лозинки, да ја проверат адресата на испраќачот, како и да користат двофакторска автентикација за дополнителна заштита на нивните сметки и да пријават сомнителни пораки кај надлежните институции или во надлежната банка.
„Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи продолжува со активни истраги и преземање мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами“,
додаваат од Министерството.
