Претседателот на Франција бара од Кина да придонесе за испраќање пораки до претседателот Путин за да се избегне ескалација (на војната во Украина) со покана сериозно да се врати на преговарачката маса“, се наведува во соопштението од Елисејската палата
Идентично барање до кинескиот претседател на почетокот на месецов упати и германскиот канцелар Олаф Шолц за време на својата официјална посета на Пекинг
Францускиот претседател Емануел Макрон побара од кинескиот лидер Си Ѓинпинг да интервенира кај рускиот претседател Владимир Путин и да го убеди да се врати на преговарачка маса за да се спречи ескалација на војната во Украина, објави Елисејската палата.

„Претседателот на Франција бара од Кина да придонесе за испраќање пораки до претседателот Путин за да се избегне ескалација (на војната во Украина) со покана сериозно да се врати на преговарачката маса“,
се наведува во соопштението.
Макрон е во Индонезија, каде што во тек е самитот на лидерите на Групата 20 индустриски развиени земји и земји во развој (Г20).
Во разговорот со Макрон на маргините на Г-20, Си Ѓинпинг „даде поддршка на напорите за посредување во Европа“, особено на францускиот претседател, и „многу цврсто го повтори своето противење на употребата на нуклеарно оружје“ од страна на Русија во Украина, додаваат од Елисејската палата, јавуваат агенциите.
Францускиот претседател го повика својот кинески колега да ги здружи силите против војната во Украина, нагласувајќи дека „стабилноста“ во светот е и во интерес на Кина.
Макрон и Си разговараа и за билатералните односи, додека францускиот претседател планира да ја посети Кина на почетокот на 2023 година, доколку тоа го дозволат здравствените услови поради корона вирусот.
Идентично барање до кинескиот претседател на почетокот на месецов упати и германскиот канцелар, Олаф Шолц за време на својата официјална посета на Пекинг.
Шолц за време на средбата му рекол на кинескиот претседател Си Ѓинпинг да го искористи своето влијание врз Москва да ја запре војната во Украина.
Вчера во Бали, пред почетокот на самитот на Г-20, се состанаа американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега, Си Ѓинпинг. На средбата, како што соопшти Белата куќа, меѓу другото, двајцата лидери разговарале и се согласиле дека нуклеарното оружје никогаш не треба да се користи, вклучително и против Украина.