Шолц по средбата со кинескиот претседател истакнал дека Русија мора веднаш да ги прекине нападите под кои секојдневно страда цивилното население и да се повлече од Украина
Германскиот канцелар е првиот лидер од Групата седум најразвиени земји што ја посетил Кина од почетокот на пандемијата со ковид-19. Шолц и членовите на германската делегација што го придружуваат биле тестирани за ковид-19 во службениот авион по пристигнувањето во Пекинг
Германскиот канцелар Олаф Шолц, кој е во официјална посета на Кина, во разговорите му рекол на кинескиот претседател Си Ѓинпинг да го искористи своето влијание врз Москва да ја запре војната во Украина, јавуваат агенциите.
Шолц по средбата со кинескиот претседател истакнал дека Русија мора веднаш да ги прекине нападите под кои секојдневно страда цивилното население и да се повлече од Украина.
„Му реков на претседателот (Си) дека е важно Кина да го искористи своето влијание врз Русија“,
рекол Шолц, пренесе Ројтерс.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг претходно изјави дека на средбата со Шолц ја истакнал потребата од поголема соработка меѓу двете земји и дека ова се „времиња на промени и турбуленции“.
За време на нивниот прв состанок откако Шолц стана канцелар, Си рече дека Кина и Германија, како големи земји со влијание, треба повеќе да соработуваат за светскиот мир, објави кинеската државна телевизија ЦЦТВ.
„Во моментов меѓународната ситуација е сложена и нестабилна“,
рекол кинескиот претседател.
Шолц е првиот лидер од Групата седум најразвиени земји што ја посетил Кина од почетокот на пандемијата со ковид 19.
Германскиот канцелар, кој е во еднодневна посета, најави дека со кинескиот лидер ќе разговара за односите меѓу Европа и Кина, борбата против климатските промени, економскиот развој, како и за теми за кои двете земји имаат различни ставови. .
Двајцата лидери ручаа во „Златната сала“ на Големата палата на народот во центарот на Пекинг, каде што одвреме-навреме се одржуваат банкети за шефови на странски држави.
Шолц и членовите на германската делегација што го придружуваа биле тестирани за ковид-19 во службениот авион по пристигнувањето во Пекинг.
Кинеските лекари се качиле во авионот во заштитни костими и извршиле тестирање, пренесуваат агенциите.