Трамп не даде детали за можното продолжување на преговорите, ниту беше објавено кога тие треба да се одржат

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД се согласиле да продолжат со преговорите со Иран, но во исто време повтори дека Вашингтон јасно му ставил до знаење на Техеран дека прекинот на огнот веќе не е во сила.
„Исламската Република Иран побара продолжување на преговорите. Ние се согласивме на тоа“,
напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушл.
Трамп не даде детали за можното продолжување на преговорите, ниту беше објавено кога тие треба да се одржат.
„Но, Соединетите Американски Држави им ставија до знаење дека примирјето е завршено“,
додава тој.
Си-ен-ен пренесува изјава од дипломат кој рекол дека катарските преговарачи, во координација со САД, отпатувале во Иран за да се сретнат со тамошните функционери.
Американски функционер претходно во изјава за телевизијата рекол дека стратегијата на администрацијата на Трамп е да започне воени напади, а потоа привремено да ги запре операциите за да се избегне понатамошна ескалација на конфликтот и да се остави простор за продолжување на дипломатијата.
Инаку, денешната изјава на Трамп доаѓа по новата ескалација на тензиите меѓу Вашингтон и Техеран.
САД започнаа повеќекратни напади врз Иран оваа недела откако Техеран нападна неколку бродови во Ормускиот Теснец. Сепак, Трамп не нареди нови воени напади синоќа.
САД и Иран минатиот месец постигнаа привремен договор што требаше да го заврши четиримесечниот конфликт. Борбите во овој период ги нарушија глобалните енергетски текови и предизвикаа загриженост за евентуално понатамошно зголемување на цените на нафтата и горивата.
